Промоција на книгата „Џиновска продавница за фантазии“ од авторката Бистра Георгиева ќе биде одржана вечерва, со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата Македонија. Книгата е издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, со илустрации од шпанската илустраторка Моника Каретеро.

„Џиновска продавница за фантазии“ е книга што ја претставува детската фантазија, сосема поинаква од онаа на возрасните: безгранична, нелогична, разиграна, смешна и максимално креативна. Главниот протагонист е Џинот, кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница за фантазии, за да може секој да ги купи оние што му недостигаат. Оваа сликовница се разликува од другите по својот џиновски формат.

Ова е втора книга за деца на авторката, по сликовницата „Ото, Ото и Ото“, исто така работена во соработка со Моника Каретеро, моментално една од најдобрите илустраторки во светот. Каретеро има издадено над 70 книги во Шпанија, Англија, Австралија и во САД и е добитничка на повеќе престижни награди, меѓу кои за најдобра книга на лондонскиот и на шпанскиот саем на книги. Промоторка на книгата „Џиновска продавница за фантазии“ во „Литература.мк“ ќе биде уредничката на изданието Билјана С. Црвенковска.