Промоцијата на стихозбирката „Јас сум Цако“ од Александар Матовски-Цако ќе се одржи на 25 февруари, со почеток во 19 часот, во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар. Книгата е во издание на „Арс либрис“, а достапна е во сите книжарници „Литература.мк“.

Песните на Александар Матовски-Цако се нежни и едноставни. Ги ниже како бисери, за секоја драга личност по една. Запишани се онака како што ги доживува, како лирски слики. Од нив извира чиста емоција од некој што животот го живее со полни гради и чие мото е: човек кога е со љубов, ќе постигне повеќе. Токму таа, љубовта, е централна тема во поезијата на Цако. Неговата поезија, како и сѐ што прави тој, е вистинска инспирација за лицата со попреченост.

Александар Матовски-Цако, иако роден со Даунов синдром, вклучен е во редовниот воспитно-образовен систем. Во 2019 година дипломира на Педагошкиот факултет, член е на здруженијата „Инклузивни решенија КРИК“ и „Трисомија 21“. Автор е на радиоемисијата „Јас сум Цако“, која веќе пет години се емитува на Радио МОФ. Цако е голем активист и борец за човековите права и за правата на лицата со посебни потреби. Се има претставено со сопствена презентација на Светската конференција за лица со Даунов синдром во Обединетите нации.

Поезија почнал да пишува на осумнаесетгодишна возраст.