Пред унгарската публика претставени авторите: Фросина Пармаковска, Давор Стојановски, Петар Андоновски и Лира Бојку

Во рамките на Деновите на македонската култура во Будимпешта беа промовирани четворица млади македонски писатели: Фросина Пармаковска, Давор Стојановски, Петар Андоновски и Лира Бојку (без нејзино физичко присуство). Промоцијата ја организира Лекторатот по македонски јазик во истиот град, како и здружението на Унгарци „Теледом“ од Скопје, со поддршка на македонското министерство за култура. За таа цел е издадена и мала промотивна книга со фрагменти од романите на четворицата автори со превод на унгарски јазик на Анамарија Цинеге-Панзова и со предговор од унгарската книжевна ѕвезда, Оршоја Карафиат, која беше и модераторка, а извадоци од романите читаше унгарскиот актер Адам Бонц. Младите автори ги претстави уредникот на издавачката куќа „Или – или“, Ненад Стевовиќ. Преведувачот и лектор во споменатиот лекторат, Златко Панзов, изјави дека на промоцијата биле почитувани протоколите за заштита од ковид-19, со ограничена публика.
– Промоцијата предизвика големо внимание кај унгарската публика. Неколку денови пред неа, фрагменти од писателите, мое интервју и најави излегуваа по најпознатите унгарски портали и списанија – рече Панзов и напомена дека организирањето на промоцијата било многу комплицирано поради ситуацијата со ковид-19.

Како организатор тој изрази благодарност до Амбасадата на Унгарија во Скопје за огромната поддршка и помош при организирањето на настанот. Писателот Давор Стојановски, пак, посетеноста на промоцијата ја оцени како генерално одлична со оглед на состојбата со вирусот и мерките за заштита од него.
– Бев изненаден од посетеноста и интересот да се дојде и да се чуе една книжевност што сметам дека им е туѓа на Унгарците. Се читаше извадок од мојот роман „Утеха за голите“ во превод на унгарски, со кој сум застапен во заедничката книга, така ме претставија, а исто така од публиката, како и од присутните писатели добив одлична критика, дека им се допадна извадокот и дека би сакале да ја видат книгата во целост, што секако еден ден би посакал и јас. Разговаравме и за целата тема на романот, за инспирацијата зад неа, но и за општата состојбата на македонската литература, а ме изненади и тоа што речиси сите присутни побараа потпис и посвета на заедничката книга со преведени фрагменти. Мислам дека ова е добар чекор кон пробивањето на македонската современа литература во Унгарија, бевме и медиумски добро застапени и промовирани од тамошните медиуми – рече Стојановски.

Запрашан, пак, за покажаниот интерес на унгарските издавачи за објавување на македонски книжевни дела, Златко Панзов посочи дека таквиот интерес треба сами да го побудуваме.
– Со неколку исклучоци македонската литература е непозната во Унгарија, а воопшто и во Европа. Ние сме заглавени во регионот, па затоа и почнав да ги организирам Деновите на македонска култура во Будимпешта, минатата година и оваа. Минатата година имавме серија настани, џез-концерт, проекција на „Исцелител“, на кратки македонски филмови и промоција на унгарскиот превод на „Вештица“ од Венко Андоновски. Огромен успех – рече Панзов.