Во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид беше промовирана книгата „Григор Прличев и неговиот 19 век“ од Вера Стојчевска-Антиќ и приредувачот Милчо Јованоски. Издавач е библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, а промотор беше Димитар Пандев.
– Книгата со својата содржина е особено актуелна денес. Познато е дека доменот на моите научни истражувања се движи од 9 до 19 век. Колку што биле силни и значајни тие почетоци во 9 век, толку на одреден начин останале недоволно идентификувани во 19 век. Таа и во овој труд ги бара постојните преоди на нашиот јазик од времето на старословенскиот литературен јазик, кој во разните словенски средини преминува од 12 век во црковнословенски, за да се дојде до 19 век со потреба од изразување на сопствен литературен јазик, различен од бугарскиот, од српскиот, а разбирливо тоа е евидентно и со грчкиот јазик – рече авторката на книгата, Стојчевска-Антиќ.
Покрај 12 труд од Стојчевска-Антиќ, книгата содржи и 13 автографски записи, документи и мислења од Милчо Јованоски. Тој изнесува податоци и слики за куќата и гробот на Григор Прличев, за семејното стебло (првпат во печатена форма) за најстарите македонски изданија на негови значајни дела, филмови за Прличев, Прличевите визити, добитниците на наградата за најдобра поема…
Автор на дел од фотографиите е Емил Јовановиќ.