Графичката новела „Хашиш“ на ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, работена по текст на Анри Мишо, седмата книга од стрип-едицијата „Лифт“, на издавачката куќа „Темплум“, беше промовирана во Младинскиот културен центар, кога на отворената изложба беше претставен и целиот процес на нејзината изработка. За потребите на новелата беа селектирани цртежи, развојните фази на книгата, неколку решенија за корицата, како и специјално изработениот фонт.

Анри Мишо се смета за еден од најуникатните творци на 20 век, кој, покрај пишувањето поезија, проза и патописи, долги години се занимавал со сликарство, со „внатрешниот свет“ на човечките соништа и кошмари. Во еден период од творештвото користел дроги, особено „мескалин“, за да достигне состојба на поголема чувствителност што би влијаела врз неговата уметност.

Мишо им припаѓа на групата уметници што ги уриваат конвенциите во литература – метафората и декорациите се ретки. Свет полн со страв, вознемиреност и отуѓување. Тој создава надреални слики што произлегуваат од неверојатната моќ на имагинацијата, често исполнети со многу апсурден хумор.

– Битно за мене беше тоа да не биде „сува“ илустрација на текстот, туку поттик да го пресоздадам со една моја визура. Светот во графичката новела „Хашиш“ изобилува со ситуации што претставуваат огромен предизвик да бидат преточени во слика или, пак, графичка новела. Исто така и фактот дека текстот нема класична наративна линија туку претставува збир на фрагменти-записи или, пак, дневник што тој го водел додека експериментирал со хашишот. Таквата фрагментирана структура ми даде огромен простор за „маневрирање“ – посочи Ѓорѓе Јовановиќ.