Фото: Маја Јаневска-Илиева

Промовирана збирка текстови од Весна Дамчевска

Книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ од новинарката, колумнистка и уредничка на културната рубрика во „Нова Македонија“, Весна Дамчевска, беше промовирана во Младинскиот културен центар. Промотор беше писателот и книжевен теоретичар Александар Прокопиев. Книгата, која претставува збирка од авторски колумни напишани последната деценија, е издание на „Антолог“.
– Дамчевска пишува лесно и продлабочено, емотивно и промислено, духовито и сериозно, одлика на автор што е секогаш свој во тематски разноликата збирка.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поттикот за своите размислувања го наоѓа во факти од уметноста, културата и животот воопшто, што потоа ги развива и аналитички поврзува во есеистички целости што зрачат со нејзината слободоумност, со интелектуално, естетско и човечко љубопитство, со истенчена духовитост. Создавајќи во жанр што е потребен и полетен во секоја култура, Дамчевска во својата нова книга нуди модерно, ретко и паметно четиво што ќе ги заинтересира и заинтригира сите мислечки и сензибилни читатели. Парафразирајќи го насловот, на авторката ѝ се погоди да пишува во интересни времиња, но и на современата културна сцена ѝ се погоди да биде протолкувана од ваква авторка – рече Прокопиев на промоцијата.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според издавачот Жарко Кујунџиски, Весна Дамчевска е од оние пасионирани следбеници на културата за кои сонува секоја култура.
– Гласот на Дамчевска низ годините ѝ даде посебен ЛИК на македонската култура, а оваа книга не е само потсетување на тие интересни времиња туку и синоним на проникливиот однос на критичкиот ум кон реалноста – вели главниот уредник на издавачката куќа „Антолог“, по повод ова остварување на авторката што прави суптилен премин од новинарството во литературата.

Авторката посочи дека иако не е голем приврзаник на ваквиот тип книги, кои се многу чести во нашето издаваштво, збирки на собрани или избрани новинарски текстови, фактот што огромна продукција исчезнува во дигиталниот простор ја поттикнал на вакво едно издание.
– Не ми било предизвик да ги преобјавувам тие текстови во книга, затоа што сум мислела дека си ја исполниле целта во времето кога биле објавени, дека „си го отслужиле своето“. Сепак, мислам дека беше добра идеја да се направи избор од некои од колумните и да се стават во печатена форма, на едно место, да се зачуваат додека не се изгубат во непрегледниот и несигурен дигитален простор – рече Дамчевска. К.Р.