Прозата на Живко Грозданоски (2)

Рецензија

Во куса белешка кон првиот дел („Подземје“) авторот на романот „Записи…“ укажува на неколку важни работи. Тој вели дека главниот лик на тој роман, за кој кон крајот на вториот дел („По повод мокриот снег“) ќе го употреби името „антијунак,“ бил измислен. Измислени биле, вели Достоевски, и неговите записи – бурни и драматичен описи на судири со Зверков, Симонов, Ферфичкин и Лиза. Тоа сè уште не значи дека тој антијунак нема пандан во „живиот живот“ што го постава Достоевски на местото спротивен пол на животот „по книги“ или, уште подобро, животот во мисли на кој е осуден секој „сознателни человек,“ наспроти човекот од акција. Во таа белешка Фјодор Михајлович уште нагласува дека еден/секој таков човек од подземјето не само што можело туку и „морало“ да се појави со оглед на некои „околности“ што „обликувале“ едно цело „поколение, сè уште живо“ во руското општество од 1840-тите години.
Во својата белешка кон романот „Последното име на иднината“ писателот Живко Грозданоски вели дека некои од ликовите и настаните во неговата проза биле веродостојни, а други измислени. Веродостојни биле филозофот Слободан Мастиловиќ, кој е, во прво време, некој вид „крлеж“ за градежниот инженер Јоха Имерман, а потоа станува дури идол, како и консултантот Анџело Марино: „тоа се доблесни личности на кои не би им пречело совпаѓањето на нивните имиња со оние на ликовите,“ додава авторот на романот за кој тука станува збор.

Филозофот Мастиловиќ од селото Изгори му помага на Јоха Имерман како, отровот од безизлезот-осаменост-празнина, да го претвори во искуство што ќе го научи подобро да се поднесува себеси. Оној консултант Марино, во моменти кога на Јоха му се заканува страшна професионална и морална катастрофа, му го отвора хоризонтот на „природниот човек,“ верзија на оној на Русо од „Записите…“ на Фјодор Михајлович, ресантиман кај Ниче, затоа што веднаш враќа за нанесена неправда или навреда: „За да биде добар професионалец, човек пред сè треба да биде убеден дека е добар човек;“ му објаснува смирено на, веќе, избезумениот и очаен Јоха Италијанецот Анџело; „ти ќе ја препознаеш светлината (метафора за добар) во себеси. Ќе сфатиш дека си добар. И ќе продолжиш да си добар. Добар кон сите, но пред сè кон себе. И ќе посакаш да им служиш на сите, но пред сè на себеси.“
Како се зачнува, расте и почнува да беснее оној „вртлог“ (вител) што се заканува да го „вшмука“ како црна дупка (празнина) спокојниот, смирен и на свој начин среќен градежен инженер од Јена? Тој доаѓа во зафрленото херцеговско село Чемерно близу Гацко да доведе во „природен ред“ изградба на тунел. Таа изградба многу доцни не толку поради лошата геоструктура на земјиштето, колку поради суптилната игра на тимот на инженерот Немања Крстиќ, која се состои во тоа добар дел од европските пари со кои се гради тој тунел да ги претвори во – свои. Кога сфаќа што е вистинската причина за тоа доцнење, исчезнува неговата смиреност, се буди неговиот гнев, кој е, по обичај, добар слуга и лош господар. Тој станува еден огорчен и отруен човек, како и злобниот јунак од подземјето на Достоевски.

Вистина, тој енергично ѝ се спротивставува на криминалната банда на инженер Крстиќ (надзорник на изградбата), но затоа пак, во таа борба, тој е „сам против сите.“ По истиот начин по кој и јунакот од подземјето на Фјодор Михаилович е „сам против сите“. На двапати Јоха од Јена му ја фрла вистината в лице на лукавиот иморалист Крстиќ: „оваа земја ми личи на бисер фрлен среде свињи;“ „не сакам ни да навредам некого, ни да се претставам како напредниот Европеец што сака некого да учи на принципи – сакам само да ја констатирам состојбата“, му вели тој со прикриен тон на ликување.
Клучен збор во таа залудна (и затоа немоќна!) реакција на веќе гневниот, збркан и очаен Јоха е зборот „принципи.“ Тој човек строго се држи до некои веќе договорени „правила на игра.“ Тие важат за земјите од западниот свет, но не и за оние „прекрасни земји“ што биле фрлени „среде свињи,“ сликовита споредба на тој инженер од Јена за Босна и Херцеговина, но и за сите земји што влегуваат во сегашниот назив Западен Балкан. Тој мисли, иако не се вели експлицитно тоа во романот на Грозданоски, дека тие „правила на игра“ се – „принципи.“

Таа мисла издига „правила на игра“ на една корпорација, која води сметка за силата на „правна држава“ од западноевропски тип на ниво на – принципи. Таа „правна држава“ располага со добри механизми да го контролира (но не и да го искорени!) октоподот организиран криминал. Такви механизми немаат (сè уште) кревките демократии на земјите од Западен Балкан, кои се во власта на „ограбениот капитал“ (Гошев). Токму таа неформулирана мисла валоризира како праведник и „чист“ успешен градежен инженер од Јена, наспрема грешникот и „валкан“ Балканец Немања Крстиќ. Иако тој инженер веќе носи нешто валкано и грешно на душа, кое може со мирна совест да се нарече морална свинштина. За таа свинштина во бурниот балкански живот на Јоха во – следниот напис.

Атанас Вангелов