Министерството за култура информира дека комисијата во состав: Трајче Блажевски, Имер Бајрами, Џемил Бектович, Агрон Салиу и Александар Андовски, ги разгледа пристигнатите пријави на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на меѓународната дејност за учество на Македонија на 17-та Интернационална изложба на архитектурата во Венеција и одлучи национален претставник на нашата држава оваа година да биде проектот на проектантското биро „Бина архитектура ДООЕЛ“ насловен „Сега“ од авторот Бекир Адеми со група коавтори: Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Амине Адеми, Енис Абовски, Енес Север, Дрен Невзати, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Елмедина Хасани, Нита Чавoли, Аида Бакали Салиху, Ивана Чаловска.
Комесарка на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, куратори се Бекир Адеми и Јордан Шишовски, а соработници на проектот се Ферид Мухиќ и Рамуш Муарем.

– Избраниот проект е симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сево ова концептуално открива два аспекта на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура, архетипизирана рамка, асоцијација на куќа, дом и засолниште. Тимот што ќе го подготви павилјонот е сочинет од архитекти, инженери, графички дизајнери и уметници со различна професионална специјализација и лица со различна етничка провениенција, кои ќе го претставуваат мултиетничкиот карактер на Македонија – се вели во образложението.

Интернационалната изложба на архитектурата во Венеција оваа година ќе се реализира во периодот од 23 мај до 29 ноември и носечка тема е „Како ќе живееме заедно“. Куратор на годинашното издание на Биеналето е Хашим Саркис, архитект и експерт на универзитетот МИТ во САД.