Венеција му одржа вистинска лекција на целиот филмски свет. Додека ги гледав хрониките на еден европски ТВ-канал, бев воодушевена од организацијата и од одговорноста на сите гости, но тоа што особено ме направи среќна беше програмата… За заживување на филмскиот сектор кај нас сме одговорни сите ние од културата. Кај нас сѐ е инцидентно, па и успесите во филмскиот сектор немаат константа. Оптимизмот ми е на минимум по ова прашање, вели Теодосиевска

Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот „Браќа Манаки“

Поради пандемијата на ковид-19, 41-от ИФФК „БраќаМанаки“ нема да се одржи како фестивалско издание, туку ќе се одбележи со еден централен настан на 19 септември во Битола и со неколку онлајн активности. Зошто се решивте на толку симболична варијанта?
– Одлуката годинава да нема фестивалско издание во реална форма ја донесе Управниот одбор на Друштвото на филмските работници на Македонија, а потоа беше потврдена и на Собранието на ДФРМ, јас бев избрана за директорка на фестивалот по донесувањето на оваа одлука. Според правилникот за фестивалот, јас оваа одлука морам да ја почитувам. Не ми беше и не ми е сеедно и затоа сакав како еден скромен подарок на Битола да го организираме овој настан, централен настан, во соработка со Агенцијата за филм и Општина Битола. Онлајн активностите ќе бидат промовирани во текот на септември и октомври. Не секој филмски автор ги сака средбите на платформа, а особено одржувањето работилница, која подразбира и подлабоко навлегување во објаснувањето на филмската структура во една продукција. Повеќето или би рекла сите претпочитаат непосредна средба. Сакаат киносала, избрани инсерти, дијалог… Ги разбирам целосно, но во исто време се обидувам да се привикнам на идејата дека можеби следните две години ќе треба да се приспособуваме на состојбите предизвикани од пандемијата и да заборавиме на себеси, а да мислиме на нашата мисија, задача, обврска. Јануш Камински не ме одби веднаш, но ме предупреди дека временската разлика е голема и дека во овој период работи со свои четворица студенти на чие стекнување искуство е посветен.

На Скајп, кога се обидував да го убедам, ми рече: „Ама нели е покорисно кога знам кој ми поставува прашање и кому му се обраќам, а тие луѓе се тука, а разговорот продолжува и по терминот на работилницата. Работилницата мене ми е секојдневие“. Столе Попов исто така не е воодушевен за користење на платформите како инстант контакт во креирање дигитален простор за работилница и ме замоли за првиот слободен термин по воспоставувањето протоколи во киносалите. За тоа ќе ги известиме благовремено и студентите и вас новинарите и критичарите и другите љубители на филмовите на Попов.

На прес-конференцијата рековте дека „Манаки“ е изграден по модел на фестивалите од А-категорија. Сепак, некои од нив и покрај откажувањата се одлучија за онлајн проекции од програмите или за други рестриктивни решенија. Немаше ли можност да се направи нешто слично? Имавте идеја за проекции на отворено…
– Јас не го реков тоа, не го ни мислам тоа, ни како директор ни како критичар. „Манаки“ е специфичен и единствен и во својата програмска суштина и како филмски фестивал и така треба да се гледа на него. Не мислам дека можеме да претендираме ни за фестивал од Б-категорија. Овој за мене најзначаен фестивал во регионот може да се пофали со секогаш извонредно селектирана филмска програма, листа на гости на кои и фестивалите од А-категорија би му позавиделе, но има критериуми што фестивалот не ги исполнува засега, а треба да се работи на тоа. Компактен тим, поголем број киносали, годишно вработени, процент на публика што присуствувала на фестивалските програми и настаните… Има уште многу да се одработи за оваа категорија. Секој директор на овој фестивал оставил свој печат, поставил своја идеја, која не можела да се реализира докрај, бидејќи и времето и средствата не се доволни. Ако се споредиме со фестивалите во регионот, бидете сигурни дека имаме подобра програма од Солун и од Софија, поинтересни гости, но помал број кинопростори, помалку посетители. И кога треба да се договориме се однесуваме како „рогови во вреќа“, секој секому му е нечовек, секој знае сѐ… Страшно, незрело и непродуктивно, а не дека немаме луѓе што одлично ќе го изменаџираат тоа, има.

Гена со кинематограферите Јоргос Арванитис и Ерик Готје

Споредбено за буџетите и да не говорам. Ако на Сараевскиот филмски фестивал буџетот се мери со милион и кусур евра, Солунскиот близу милион, Софија со повеќе од 800.000 евра, најголемиот буџет од тогашниот филмски фонд ИФФК „Браќа Манаки“ го имаше во 2015 година. Минатата година, кога го организиравме 40-то јубилејно издание, тоа го сторивме само со 13.000.000 денари. Тука се средствата од Агенцијата за филм, Општина Битола и нашите поддржувачи и спонзори. Пред три години во неколку австриски дневни весници дури бевме посочени како куриозитет. Тогаш ни беше гостин главниот уредник на филмската рубрика на агенцијата АПА. Нему не му беше јасно како ние со тој буџет организираме меѓународен фестивал. Не велам дека се малку, но фестивалот се шири, ако во 2016 имало 90 проекции, минатата година имавме 130 проекции, фестивалот се шири, се развива и тоа е природно и тоа чини. Има нови програми, работилници, вклучуваме и теми што ги интригираат невладините организации, ги промовираме филмовите на студентите од филмските школи од регионот, го промовираме фестивалот на едно повисоко меѓународно ниво, за фестивалот се зборува најпофално. Само нам не ни чини ништо.
Имав идеја да имаме неколку проекции на отворено, но одлуката веќе беше донесена да нема никакви проекции и јас немав многу простор за „маневар“, така што само сакав да се памети овој септември во Битола, макар и со овој скромен настан. Немав намера да се постават филмови на платформа. Со ДФРМ во едно се согласивме, дека нема никаква смисла да се постави компетициска програма на платформа, тоа не доаѓаше предвид, од проста причина што на тој начин ќе ја омаловажиме и ќе ја понижиме креацијата на оние на кои им е посветен овој фестивал – кинематограферите. Но дека можеше да има проекции на отворено во Битола на неколку внимателно избрани филмови, можеше.

Што подготвувате за централниот настан на 19 септември во Битола?
– Ќе биде кратко и скромно, но достоинствено. Ќе ја доделиме наградата на Столе Попов и на Јануш Камински. Столе Попов ќе биде во Битола, Јануш ќе ни се обрати по видеоврска, ќе имаме и неколку обраќања. Ќе го промовираме со видеоматеријал и новото кино „Манаки“ во Битола, за кое имав големи планови, уште ги имам, кога ќе бидат донесени протоколите за кинопроекции во затворен простор. Ова е едноставен начин да се испочитува делото на двајцата добитници на највисоките фестивалски награди.

Највисоката фестивалска награда „Златна камера 300“ за животен опус ја доби полско-американскиот кинематографер Јануш Камински. Има ли план тој да дојде во Битола можеби наредната година?
– Тој со восхит го искоментира известувањето дека е добитник на наградата. Да, тој е нестрплив да дојде во Битола, но впрочем тоа и од него ќе го чуете од неговата видеопорака. Од неколкуте наши средби на интернет може да се претпостави дека тоа е еден исклучително скромен професионалец. Ми рече дека е престрашен да зборува за себе пред камера, но за нашиот фестивал ќе го стори најдоброто што може. И навистина добро се снашол, ми годи тоа што тој го кажува.

Годинашен добитник на наградата на ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е режисерот Столе Попов. Дали можеби ќе приредите некој настан посветен на овој наш култен режисер?
– Со Столе Попов, како што погоре напоменав, ќе ги чекаме протоколите за кинопроекции во затворено, така што имаме намера да ја подготвиме таа работилница. Тој ќе ни ја укаже честа и ќе дојде во Битола на 19 септември. МТВ ќе прикаже еден филм во негова чест во недела навечер на 20-ти, а во неделата што следува ќе се емитува и едно негово подолго интервју. Останува идната година да ни биде наш драг гостин и да направиме омаж за него со неколку негови филма.

ДФРМ смета дека примарно државата треба да троши пари за продукција на филм, дека во овие услови на десеткувани буџети е поважно да се снима отколку да се даваат пари за онлајн фестивал. Се согласувате ли со ова?
– Секој има право на мислење, а особено оние што се погодени од состојбата со коронавирусот и негативниот ефект по нашиот социјален и културен живот, да не зборуваме за економскиот, нема да говорам за тоа што не знам. Би рекла дека тоа е многу еднострано мислење и јас не се согласувам со тоа мислење. Мислам дека филмот и фестивалите и филмските ревии и поддршката на филмската критика и теорија и обуките и дистрибуцијата и промоцијата се еднакво важни. Во прашање е само правилна стратегија во распределбата на средствата. Во Македонија ние упорно зборуваме само за филм, а не за кинематографија. Тоа е погрешно.

И фестивалот во Венеција се одржа со помала публика, медиуми и ѕвезди, личејќи на мал собир на европската филмска индустрија, што беше показател дека и светот на филмот полека се враќа во „нормална“ состојба. Оптимисти ли сте кога станува збор за заживување на филмскиот сектор во Македонија?
– Венеција му одржа вистинска лекција на целиот филмски свет. Додека ги гледав хрониките на еден европски ТВ-канал, бев воодушевена од организацијата и одговорноста на сите гости, но тоа што особено ме направи среќна беше програмата. По подолги години Венециската филмска Мостра имаше многу квалитетна европска филмска продукција. За заживување на филмскиот сектор сме одговорни сите ние од културата. Кај нас сѐ е инцидентно, па и успесите во филмскиот сектор, нема константа. Велат за тоа треба традиција, а ја имаме, велат немаме добри сценарија, па ќе ги купиме. Ако е само до тоа. Резигнирана сум по ова прашање, многу нејаснотии се создадоа, многу негативна енергија се потроши на лични несогласувања, а најмногу трпат проектите. Тоа се чувствува, ако знаете да гледате филм, нели. Во одреден момент ја чувствувате таа темна тежа и филмот престанува, го нема. Отидов во патос, но така е, да одговорам, оптимизмот ми е на минимум по ова прашање.

И на крајот, за што останавме пократки оваа година. Кој сѐ требаше да дојде во Битола, планиравте ли големи ѕвезди, кои филмски остварувања публиката требаше да ги види?
– Почнав да преговарам со тандемот Алкаине – Алмодовар, со тандемот Готје – Коре Еда, имав намера да ја поканам да дојде Џесика Хауснер со Мартин Гшлахт. Мислев дека не треба секому да му даваме награда за да дојде, туку да дојдат бидејќи ја почитуваат соработката со кинематограферите и да одржат по една работилница. За програмата, која ја планиравме со Благоја Куновски, не би одговорила, мислам дека тоа ќе биде еден неотсонуван сон докрај. Оваа пандемија, оваа чума му „нареди“ на светот да забави. И ние забавивме. Но ајде да се видиме повторно во септември 2021 година. Знам со што ќе ве изненадам. Вие како новинар му оставивте голем впечаток на Џим Шеридан, ќе ве изненадам со уште еден исклучителен интелект во филмската уметност.