„Театарот чин 4 – сцена 5“ од Прилеп во времето на мерките за превенција од коронавирусот, им понуди на следбениците поинаква содржина на својата фејсбук-страница. Станува збор за видеосодржини, кои театарот ги објавува секојдневно.
– На ФБ-страницата се објавуваат видеоснимки од архивата на театарот и две нови видеосодржини подготвени специјално во овие услови, кога театарот е затворен и се одложени претставите што требаше да се играат на репертоарот.

Првата видеосодржина е „Ајде да читаме“ во која членовите читаат книги (овој пат е „Малиот принц“), а втората содржина е шоуто „Кире и другарите“, во кое преку театар на импровизација секој понеделник ансамблот се обидува да им ја збогати секојдневната монотонија на граѓаните – велат од прилепскиот театар.
Содржините ќе продолжат да се објавуваат и по завршувањето на мерките. Уште еднаш се најавува дека театарот премиерно ќе ја изведе хуманитарната претстава „Солунски патрдии“ штом ќе завршат мерките.

Кратки инсерти од ликовни изложби и претстави во време на вонредна состојба на својата ФБ-страница објавуваат и од центарот за култура ,,Марко Цепенков“, за да го задржат вниманието и да го развијат духот на културата и уметноста на граѓаните додека седат дома.