Светската читателска публика ја запозна по нејзината втора книга „Приспивна песна“ (2016 г.), за која ја доби најважната француска книжевна награда „Гонкур“, како прва Мароканка што се закитила со ова највисоко признание. Во 2017 година е именувана за лична претставничка на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за промоција на франкофонијата

Ексклузивно интервју со француско-мароканската писателка Лејла Слимани, добитничка на „Гонкур“

Лејла Слимани е Французинка со мароканско потекло и Мароканка со француски јазичен идентитет и француска татковина. Потекнува од добростоечко арапско-француско семејство: баба ѝ била писателка, напишала автобиографски роман во кој опишала како во 1944 година, во време кога земјата била ослободена од фашизмот, се сретнала со својот иден сопруг, дедото на Лејла, полковник на француската армија. Внуката, пак, е родена во 1981 година во Рабат, Мароко, и природно е дека пораснала меѓу двете земји. Студирала медиумски и политички науки, завршила курс за глума и повремено глумела на филм, работела како новинарка, а откако била уапсена во Тунис за време на Арапската пролет, почнала да пишува романи. Се запишала на курс за креативно пишување и наскоро станува писателка позната во светски рамки. Светската читателска публика ја запозна по нејзината втора книга „Приспивна песна“ (2016 г.), за која ја доби најважната француска книжевна награда „Гонкур“, како прва Мароканка што се закитила со ова највисоко признание.
Во 2017 година е именувана за лична претставничка на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за промоција на франкофонијата.
Нејзините книги „Совршената дадилка“ и „Во градината на ѕверот“ се објавени на македонски јазик во издание на „Антолог“, во превод на Владо Ефтимов. Книгата „Совршената дадилка“ е објавена на македонски јазик во рамките на проектот „Читаме заедно!“, поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија и Програмата за помош во издаваштвото на Францускиот институт.
Родена сте и пораснавте во Мароко. Кажете ни нешто за вашето детство и за тинејџерските години?
– Пораснав во Рабат, главниот град на Мароко. Во тоа време, тоа беше многу здодевен град. Младите на моја возраст немаа што да прават и голем дел од времето го минував дома – читав, учев и се досадував. Многу време минував и на фармата на моите баба и дедо. Нашиот живот беше во постојан допир со природата и спомените од тоа време сè уште ме исполнуваат: убавината на Атлантски Океан и чудесните пејзажи на Мароко.
Како и зошто одлучивте да го напуштите Мароко и да заминете во Париз на студии?
– Не би можело да се каже дека одлучив да заминам од Мароко. Во средината во која живеев, работите едноставно се одвиваа така. На осумнаесет години, младите заминуваат во Франција на студии. Пред мене, тоа го сториле моите родители и моите сестри.
Тежок ли беше периодот на приспособување низ кој поминавте?
– Не, не би можела да кажам дека ми беше тешко бидејќи јас го сакав она што го студирав. Понекогаш се чувствував осамена, но кога ќе се присетам на тоа време, единствено што можам да кажам е дека тоа беа преубави години на откритија.
Во еден период сте сакале да бидете актерка, а сте работеле и како новинарка. Како стана литературата ваша определба?
– Отсекогаш пишував, но долго време мислев дека нема да бидам во состојба да напишам цел роман или сосема, од ден на ден, да се посветам на пишување. Не ни помислував дека тоа би можело да биде занимање, занает. Потоа, еден ден, решив да се одважам, да направам исчекор и да не работам една година. Направив облог: или ќе успеам да напишам роман, или засекогаш ќе се откажам од пишување. И, ете, успеав.
Кај нас се преведени две ваши книги. Едната од нив е „Во градината на ѕверот“, во која станува збор за сексуалната зависност. Зошто ве заинтересира оваа тема?
– Она што особено ми беше интересно е животната приказна на таа жена, Адел, која молчешкум страда од зависност. Се обидував да сфатам зошто таа не успева да каже не, зошто западнала во некој вид бунило, поради што е изложена на страдања од кое не успева да се извлече.
Главниот лик, новинарката Адел, чувствува длабока егзистенцијална празнина чии корени допираат до детството и до фрустрирачкиот однос со мајката. Има ли нешто автобиографско во романот?
– Во романите писателот секогаш внесува дел од себе. Зарем би можело да се пишува без да се употреби единственото што добро го знаеме, а тоа се сопствените чувства, сопствените искуства, сопствениот поглед на светот?
Во овој роман се повикувате на светот на сказните од детството. Дали се тоа сказни што сте ги слушале како дете во Мароко?
– Секако. Мајка ми и баба ми ми раскажуваа многу приказни и тоа несомнено имаше големо влијание врз мојата имагинација.
Малкумина знаат дека романот „Совршената дадилка“ се темели на вистински настан од 2012 година, кога целиот свет ја сподели шокантната вест за дадилката што ги убила двете деца за кои се грижела. Зошто толку ве привлече оваа приказна?
– Јас веќе почнав да го пишувам романот во кој се опишува приказната за една дадилка. Патем истражував и дојдов до голем број разновидни податоци. Многу бев трогната од трагичната и универзална димензија на ова убиство, дотолку повеќе што тоа претставува, на определен начин, кошмар на секое семејство што ѝ ги доверува своите деца на дадилка.
Романот е возбудливо и храбро набљудувано истражување на моќта, класата, расата, семејството, мајчинството и лудилото. Дали ова се темите што ве опседнуваат?
– Се разбира. Мислам дека сум обземена од сите видови доминација, од начинот на кој тие се наметнуваат и од начинот на кој ние ги поднесуваме и ги извршуваме.
Во 2016 година романот ја доби наградата „Гонкур“ и набргу стана бестселер со над 450.000 продадени примероци. Очекувавте ли ваков развој на настаните кога, како студентка, дојдовте во Париз?
– Не, зарем би можела… Животот секогаш ни приредува изненадувања и токму затоа е чудесен.
Во моментов работите на трилогија за вашето семејство, поточно за вашите баба и дедо за време на деколонизацијата на Мароко во 1950-тите години. Првата книга од оваа трилогија наскоро ќе ја објави „Антолог“. Како ви оди пишувањето на другите делови?
– Многу тешко. Годинава, поради ограничувањата на движењето, не сум особено расположена за пишување.


Дали некогаш сте пишувале на арапски?
– Никогаш.
Францускиот е „кул“, извикавте откако ја добивте наградата „Гонкур“, впуштајќи се во битка за јазикот. Што точно мислевте со оваа изјава?
– Многу луѓе го сметаат францускиот јазик за тежок, разметлив, јазик на интелектуалци, кој не е погоден за употреба во секојдневниот живот. Јас сакав да покажам дека францускиот е јазик и на модерноста.
Именувана сте за лична претставничка на претседателот Емануел Макрон во Меѓународната организација на франкофонијата. Тргнувате во остварување на амбициозен план да го вратите францускиот јазик барем на второто место, веднаш зад англискиот. Што преземате за ова прашање?
– Во 2018 година, претседателот на Франција промовираше обемен план за развој на францускиот јазик, кој подразбира значителни инвестиции во образованието и во културата. Но, исто така, подразбира и нов начин на кој би се соработувало со партнерите франкофони, земајќи предвид дека Франција веќе не е центар, туку е на еднакво рамниште со сите франкофонски земји.
Како се справувате со тековната пандемија? Влијаеше ли целата ситуација врз вас и врз вашето творештво? И како, позитивно или негативно?
– Ова е мошне тешка ситуација, која предизвикува анксиозност, но јас постојано си повторувам дека сум многу среќна. Моето семејство е добро, ја сакам својата работа, значи ми преостанува само да се надевам дека работите наскоро ќе се придвижат кон подобро.
Колку знаете за нашата земја? Може ли да очекуваме ваша посета во некои подобри времиња?
– Се разбира. Би била пресреќна да ја откријам вашата земја.

Превод од француски: Владо Ефтимов