Сеќавање на неуморниот Димитар Ќорнаков

Мирјана Тренчева

Димитар Ќорнаков е еден од првите македонски истражувачи на средновековната уметност, кој на уметноста на копаничарството ѝ посвети најголем дел од својата истражувачка и научна дејност, претставувајќи ги највредните копаничарски дела дури и во престижните музеи во Европа

Точно пред една година, во јуни, си замина тивко, речиси нечујно, скромниот и трудољубив вљубеник во својата професија, Димитар Ќорнаков, кој речиси цел работен век, а и потоа, го посвети на заштитата на нашето најголемо културно наследство, црквите и манастирите во Македонија и пошироко. Докторската тема „Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на 18 и почетокот на 19 век“ ја одбрани на Белградскиот универзитет. Беше долгогодишен директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а работниот век го заврши во Институтот за старословенска култура во Прилеп.

Реализирал големи конзерваторски и научни проекти: полошкиот манастир „Св. Ѓорѓи“, Тиквешко; манастирот „Св. Преображение“, Зрзе, Прилепско; манастирот „Св. Никола“, Слепче, Прилепско; „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид и др. Како резултат на таа работа, следуваат и неговите објавени монографски трудови. Покрај докторскиот труд за мијачките резбари објавени се и: „Македонска резба“, „Македонски манастири“, „Резбарски центри во Македонија“, „Петре Гарката“, „Од првиот грев до страшниот суд“, „Цркви и манастири во Тиквешијата“, „Копаничарот Макариј од Галичник“, „Полошки манастир Св. Ѓорѓи“, „Сливнички манастир“, „Царски двери“, „Од Рожденство до Воскресение“ и др. Коавтор е и на монографиите: „Св. Наум“, „Манастир Бигорски“, „Манастир Св. Богородица Кичевска“, „Цркви и манастири во Јужно-вардарската долина“ и др.

Напиша и реализира неколку сценарија во кои се афирмира нашето културно наследство. Добитник е на престижната награда „Св. Климент Охридски“ за 2008 година.

Ова е неминовен вовед за делото на неуморниот Димитар Ќорнаков, со кој ме поврзува долгогодишно семејно пријателство. Средбите, особено на големите христијански празници се незаборавни, кога раскажуваше со восхит за својата истражувачка и конзерваторска работа. Тоа не беше обично раскажување, туку интересно и сликовито, што прави да се почувствувате како да сте таму, на самото место и како вам да ви се случува она што тој го доживеал.

„…Беше тоа поодамна кога ја презентиравме македонската резба во Шведска. Кураторот на изложбата, на многубројната публика ѝ се обрати со зборовите: Горд сум што ја имам честа да ја претставам прекрасната резба од малата Македонија на Балканот, создадена со такво совршенство и тоа во време кога ние сме спиеле во корита издлабени во дрво, а таму се плетела тантела од дрво, украс на преубавите иконостаси и царски двери во христијанските цркви и манастири…“, раскажуваше Димитар, а очите му блескаа, ликот му се озаруваше, а гласот плавен, небаре тек на рамничарски поток.

А за полошкиот манастир „Св. Ѓорѓи“ има повеќе приказни.
„Пристапот до манастирот беше само преку вештачкото Тиквешко Eзеро. Ние во чамец, небото наврапито се стемни, водите се разбрануваа, навали ветрот, големи бранови, небаре зјапнати ламји да нѐ проголтаат. Одвај успеавме да се спасиме. Имаше што да се види. Манастирот во урнатина, наоколу шума од грмушки, трње, вистински змијарник. Требаше некој да дежура ноќе и да нѐ брани од змии, зашто спиевме во шатори, а бидејќи топло и под ведро небо. Од градот еднаш ни испратија неколку гајби со убаво тиквешко вино. Пиевме што пиевме, а бидејќи нашата работа за таа сезона завршуваше, шишињата што ни останаа ги закопавме во близина под една поголема грмушка. Кога следното лето дојдовме да продолжиме со реставрацијата, копавме под една грмушка, под друга, сѐ се изменило и дури вториот ден успеавме да ги пронајдеме. Работата беше напорна, работевме во крајно бедни услови, но вербата дека нашата работа е света и од големо значење за нашето културно наследство ни даваше сила и волја да издржиме, совладувајќи сѐ што ни се испречуваше на макотрпниот пат…“

Димитар ќе воздивнеше да земе здив, а неговата сопруга, прекрасната учителка Елица, која почина пред четири години, ќе ни ги наполнеше чашите со тиквешко вино за да наздравиме за средбата, а тие иако не беа многу чести ни причинуваа големо задоволство. Зборувавме за неговите патешествија по црквите и манастирите, за неговите книги, но и за моите, бидејќи тој сакаше многу поезија. Во гимназиските денови во Струмица, соучениците го викале Бајрон. Зборуваше тој за идните планови, а ги имаше многу.

„Се сеќавам кога работев во Охрид на конзервација на црквата ’Св. Богородица Перивлепта‘ со поголема група млади конзерватори. Ги реставриравме фреските кои беа во многу лоша ситуација, наразени, стемнети, а некои одвај можеше да се препознаат. Сите ентузијасти и вљубени во професијата, почнувавме уште рано со работа, со починка напладне, а потоа работа пак до вечер. Неискажана радост чувствувавме кога ќе блеснеше фреската, тогаш и од нашите очи извираше блесок. Беа потребни многу волја, голема прецизност и труд за да прогледа некој светец, светица, да ги залечиме раните на Богородица. Друг вид задоволство имавме кога изморени навечер, уште повеќе и од жештината на летниот ден, се капевме во бистрите благословени води на Охридско Езеро, што ни ја обновуваше енергијата потребна за следниот работен ден. Но речиси секогаш, како по непишан закон, ќе се случи нешто што ќе ви го замати плавниот тек на работата. Тоа се случи овој пат кога еден од помладите конзерватори, од небрежност ли или од ѓаволски наум, падна од скелето и си ја скрши раката. Потоа трчање до болница, загриженост, и раката му се најде во гипс. Замислете, тој не сакаше да си замине дома во Скопје, туку остана со нас до крајот на работната сезона, опслужувајќи нѐ со алат и носејќи ни вода од доста далечната чешма…“

Такви беа приказните на овој скромен, трудољубив човек, вљубеник и посветен на својата професија. И како пензионер не престана да работи, пишувајќи и објавувајќи дела, трајни документи за нашите бисери, црквите и манастирите во Македонија.
Оваа убава приказна е поврзана со објавената „Монографија за црквата ’Св. Илија‘“ во Мариовско. Со полни 93 години, кои Димитар крепко ги носеше, тој реши, поддржан од реномираниот издавач и поет Раде Силјан, промоцијата на Монографијата да се одржи токму таму, за да се почувствува здивот на неуништливото македонско културно наследство. Тоа се случи есента во 2019 година. На ранина, во убаво сончево утро, тргнавме со неколку автомобили кон првата дестинација, Институтот за старословенска култура во Прилеп, каде што бевме пречекани од директорот и вработените. По мала починка и освежување со пијалаци, се упативме, мноштво луѓе, поети, писатели, историчари на уметноста, сите пријатели на Димитар, кон крајната дестинација, црквата „Св. Илија“ во Мариово. По долго возење по типичен балкански пат, каде што секогаш се доцни, се соочивме, за некои и првпат посетен, со испустен предел, без вегетација, нигде жива душа, дури ни птица да летне, ни животно да испушти крик. Стрчи некое ѕидиште, како небиднина од урната куќа, а често и од црква на која за чудо се извишил крст и жилаво опстојува, но се има впечаток дека е за никого, нема овде ни верници ни верба за живот. А кога пристигнавме, за чудо црквата „Св. Илија“ реновирана, а покрај неа манастирски конаци од поново време.

Димитар разговорлив, подмладен, раскажуваше за својата работа и за своите книги. Сите со интерес го слушаа и на ведрината и на интересното раскажување му се восхитуваа. Останаа приказните да се паметат и да се раскажуваат. Останаа и делата на Димитар Ќорнаков што нѐ задолжуваат да ги паметиме, чуваме и со нив да се гордееме.