Станува збор за драмско дело работено по мотиви на современата американска драма „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, oдносно дуодрама, каде што во интегралниот текст се појавуваат Лора и Џим. Драматург на текстот е Дамјан Дуковски. Режијата е на Румена Шопова

Претставата „Сина роза“, која се обидува да даде одговори на некои вечни прашања и дилеми, деновиве може да ја погледнат љубителите на драмската уметност во Скопје, и тоа во еден камерен и необичен простор, терасата на кафулето „Пастер“, во центарот на градот. Станува збор за драмско дело работено по мотиви на современата американска драма „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, oдносно дуодрама каде што во интегралниот текст се појавуваат Лора и Џим. Драматург на текстот е Дамјан Дуковски.
– Во делото се потенцира женскиот лик Лора. Со тоа сакаме да ги покажеме нејзиниот посебен свет на илузии, нејзиното видување на луѓето околу неа, нејзината психичка состојба и пред сѐ нејзиниот живот како лице со попреченост. Самиот лик живее во илузии и нереален живот, затоа што дозволува телесниот недостаток да го отуѓува од општеството во кое живее – вели Дуковски.
За режисерката Румена Шопова во реализацијата на ова дело постоела дилемата кои се тие норми, правила, напишани, ненапишани, кои одредуваат кои сме, што сме, кои ќе бидеме.

– Постојано ми се вртеше во глава ликот на Лора од „Стаклена менажерија“, сакав да ги прочитам нејзините мисли низ страниците на драмското дело, но тие беа толку тивки што речиси ги нема. Потоа се трудев да ја запознаам и да ја осознаам нејзината комплексна психолошка состојба, за на крајот сепак да прикажам една Лора што ја има во сите нас во секој момент од денот. Лора полна со несигурности, Лора што дозволува секоја насмевка да ѝ биде нацртана од друга рака, Лора што не сака да излезе од својата комфорна зона и едноставно да направи промена. Навидум се чини дека е тешко да ја надвладеете таа Лора, но новата Лора што јас ја искалемив со секоја нова реплика од оваа претстава едноставно направи само еден чекор и погледна напред. Кој е толку силен да нѐ смести во некоја одредена рамка? Зарем ние не го одредуваме нашето јас – вели Шопова.

Во претставата ликот на Лора го игра Жале Османи, додека Џим го оживеа Томислав Давидовски. Сценографијата е на Taмара Забазноска, а автор на музиката е Анастазиjа Голчева.
„Сина роза“, чија премиера се одржа на 19 септември, е продуцирана од Нена Минчев (ИПМР-Скопје), со поддршка од Министерство за култура.