Претставата „Еднаш свет изградив“ ќе биде изведена вечерва во 20 часот во Театарот за деца и младинци – Скопје. Претставата е на режисерот Јане Спасиќ по мотиви од романот „Сидарта“ на германскиот нобеловец Херман Хесе. Станува збор за премиерна изведба на младинска претстава работена по мотиви од романот „Сидарта“ на германскиот класик Херман Хесе и за проект што е резултат на заедничкиот, експериментален процес заедно со актерите од оваа наша национална институција – Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и деветгодишниот Михаел Стојановски.

„Еднаш свет изградив“ ја допира „една од петте книги на Хесе што можат да ви го сменат животот“. Ремек-делото што на едноставен начин покажува „како да бидете свои и да ги следите соништата и инстинктот“. Преку семејна приказна за татко и син, кои се среќаваат по долги години, авторот на претставата Јане Спасиќ се обидува да согледа неколку поважни животни фази и да ги разгледа последиците на индивидуалните одлуки. Преку нивниот однос и приказните на таткото се поставуваат повеќе прашања за значењето и последиците од изборите во животот.

Дали децата може да избегаат од изборите на своите родители и дали може да направат свои самостојни избори или тие секогаш ќе носат сенка од изборите на своите родители, дали постојат универзални вредности или сите се индивидуални? Дали на животот може да му се даде подолготрајна смисла или секоја животна фаза има свое значење? Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите ги дизајнираше Бранкица Јордановска, композиторка на музиката е Дарија Андовска, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ. Претставата како форма на нарација и театарска игра е динамична при што двете главни приказни постојано се преплетуваат.