Два филма во кои македонската продуцентска куќа „Авард филм и видео“ се јавува како копродуцент ќе бидат прикажани на филмските фестивали во Мотовун и во Сараево. На 26 јули, хрватскиот документарен филм „Туста“, посветен на лидерот на култниот панк-бенд „Куд Идијоти“, ќе ја има својата премиера во главната програма на „Мотовун филм фестивал“. Режисер е Андреј Коровљев, продуцент „Фактум“ од Хрватска, а продуценти се и „Вејк Ап“ од Србија и „Загреб филм“ од Хрватска.
Во филмот се појавуваат и значајни имиња на музичари, новинари, музички менаџери и љубители на музика од македонската алтернативна сцена. Овој филм е реализиран со поддршка на Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Србија, а „Авард филм и видео“ е дел од копродукцијата со сопствено учество. „Туста“ ќе биде прикажан и на фестивалот „Синедејс“ во ноември во Скопје.

Албанскиот игран филм „Отворена врата“ на режисерот Флоренц Папас премиерно ќе биде прикажан на 19 август во главната програма на „Сараево филм фестивал“. Продуцент е „Бункер филм плус“ од Албанија, а како копродуценти се јавуваат и „Сиркл филм“ од Косово и „Лупин филм“ од Италија. Во македонскиот дел од екипата учествуваат и актерот Висар Вишка, композиторот Александар Пејовски, Фејми Даут како прв асистент на камера, дизајнерот на звук Игор Поповски од студиото „Аудиохаус“, заедно со екипата на секторот звук, која ја сочинуваат: Ристо Алчинов, Илија Цветковски, Драган Спасов, Ненад Стефаноски и Леотрим Вока. Овој проект е реализиран со поддршка од Националните филмски центри на Албанија и Косово и од „Еуроимаж“. Македонската премиера филмот ќе ја има во септември во рамките на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.