Премиера на „Каменот“ во Прилеп

На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, денеска, во 18 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Каменот“ од Маријус Фон Мајенбург, во режија на Кристина Димитрова. Тоа е хроника за семејството Хајзинг, која го опфаќа периодот од 1935 до 1993 година.
– Драмата раскажува дел од германската историја, задржувајќи се на овие шеесет години поминати во семејни тајни, лаги и измами, но и во чувство на вина и одговорност. Фон Мајенбург пишува за една честа појава: семејство бега од својата вина со избегнување, ревизија и поедноставување на минатото. „Каменот“ има фрагментарна структура – дејството буквално скока низ различни години: 1935, 1945, 1953, 1978 и 1993, а со тоа се создава необична и гротескна стварност, бидејќи гледачот сведочи за сомнежот во минатото и недоразбирањата во денешно време. Кога се открива вистината, дејството се враќа на самиот хронолошки почеток. Крајот нè остава без заклучок, но сознанието за разбирањето на семејството и неговото минато е засекогаш променето – вели Димитрова.

Во претставата играат: Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Димитар Ѓорѓиевски, Јасмина Мицовска-Станкоска, Марија Димитрова и Илија Волчески. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Розе Трајчевска-Ристовска, драматург е Лидија Митоска Ѓорѓиевска, а за музиката е задолжен Томе Темелкоски.
Ова е прва премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ за време на пандемијата.