Вечерва, во 20 часот, во „Сули-ан“ ќе биде претставена завршната презентација на проектот „Стар современ град“, чиј идеен и концептуален автор е младиот уметник Матеа Дрецкин. Проектот интензивно се подготвува последниве десетина дена, а се реализира со поддршка на Министерството за култура и на градот Скопје.

Авторот на проектот, заедно со визуелните уметници Ивана Мојсовска, Борис Ристевски и Сермедије Бериша, кои учествуваат со оригинални дела подготвени врз идејата на проектот, имаат цел на публиката да ѝ овозможат уникатно визуелно искуство. Концептот предвидува вдахнување современ дух во историската градба на „Сули-ан“, едно од обележјата на градот во срцето на Старата чаршија. Поставката на просторни инсталации, кои се дела на младите уметници, создаваат силна, природна врска помеѓу уметникот, набљудувачот и просторот.