Предавање на Мишел Павловски, проследено со јавна дискусија на Лорета Георгиевска-Јаковлева, Софија Куновска, Маја Стевановиќ и Филип Јовановски, на темата „Политички театар“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 18 часот, во „Кино култура“, во организација на здружението „Локомотива“. Темата на предавањето се врзува со вообичаената дефиниција на поимот политички театар – поим што означува театар што се користи за политички цели, обично како дел од кампања или движење, понекогаш како дел од работата на политичката партија. Предавањето ќе се обиде да ги разгледа недоразбирања околу терминот, како и термините и прашањата што се во релација со него како проактивна публика (политичкиот театар и активирање на публиката), идни естетики, институционални/вонинституционални простори, критички мултикултурализам и поликултурализам, театарот и глобализацијата, постхуманистички перформанс. Исто така ќе посочи одредени примери за политички театар од светската и македонската театарска историја.