Во рамките на програмата на Критичкото преиспитување на правото вечерва, во 19.30 часот, во Музејот на современата уметност ќе се одржи предавање на Бојан Манчев, со наслов „Формата на човекот. Политичка свитливост и економија на формите на живот“. Отворачката перспектива за предавањето ќе биде политичка херменевтика на класичната трагедија. Во вториот дел од предавањето Бојан Манчев ќе направи остро свртување кон дискусија за современата ситуација во која фигуративниот потенцијал на човечката форма се покажува во радикално, ново светло, во драматичниот амбис помеѓу фантазматскиот субјект на универзалните (човекови) права и ентропичната продукција на нови, нематеријални производи – формите на живот.
Бојан Манчев (Бугарија) редовно предава на Новиот софиски универзитет и Берлинскиот универзитет на уметноста. Како визитинг-професор предава и на други универзитети во Европа, Азија и Северна Америка. Заменик-претседател и бивш програмски директор е на Меѓународниот филозофски колеџ во Париз. Докторирал како студент на Жан-Лик Нанси, со кој потоа продолжил да соработува. Во последните години неговиот творечки фокус е на политичката филозофија, онтологијата и филозофијата на уметноста. Напишал 9 книги и околу 200 други текстови како поглавја во книги, есеи, статии.