Рецензија

(Лидија Димковска: „Гранична состојба“ – Скопје, „Или-или“ 2021)

Зошто семоќниот и сеприсутен Господ Бог во најновата книга поезија на Л. Димковска е преведувач (traduttore) и предавник (traditore) истовремено? Зошто тој Господ Бог и „е“ и „не е“ истовремено? Зошто, по секоја очигледност, не бил во „Аушвиц“, една од четириесетте Хитлерови фабрики на смртта во која, според сведоштвото на славниот италијански писател Примо Леви (1919-1987), само во еден ден биле погубени околу 20.000 заточеници. Ќе се обидам да одговорам на тие прашања врз основа на некои индиции од клучната песна за книгата на Димковска (втора од третиот, завршен циклус песни „Човекот или човештвото?“), но и врз основа на еден додаток од 1976 кон книгата „Дали е тоа човек?“ на веќе спомнатиот писател Примо Леви, кон кој ме упати насловот на песната „Traduttore traditore“. Тој наслов не е ниту може да биде случаен (досетка) по проста причина што „или сè во едно уметничко дело има значење, или ништо нема значење.“ (Р. Барт)
Италијанската духовита изрека tradutore traditore e добар пример за тоа дека секој превод на уметничко дело е некој вид изневера на оригиналот. Се преведува супстанцијата на содржината (смисла), но не и супстанцијата на формата (сетилен дел од знак/текст), кажано со техничкиот јазик на данскиот лингвист Луис Хјелмслев. Ако семоќниот и сеприсутен Господ Бог направил некој вид превод на оригиналот кога го создал човекот „по своја лика и прилика“ (како што се вели во Светото писмо), тогаш и за него важи логиката на секој превод.

Тој е убав и привлечен кога е изневера на оригинал, а пак верноста кон истиот оригинал го лишува од убавина и привлечност.
Кога укажувам на тоа, јас не тврдам тука дека токму така (и само така!) треба да се разбере завршниот дел (поента) од песната „Тraduttore traditore“ на Димковска, кој гласи: „Боже, ти кој не си, ти кој си/ ама во Аушвиц очигледно не си бил,/ тоа би требало и сам да го знаеш./ Или си и ти traduttore, traditrore,/ буквално, до коска?/“ Тврдам само дека блискоста по звучење е таа што тендира (Јакобсон) кон тоа да се воспостави и блискост по значење не само меѓу зборови што упадливо се разликуваат по значење, туку и меѓу оние што се поврзуваат по спротивност како во случајот „traduttore/traditore“ или „ти кој не си/ти кој си.“
Друга причина што ми дава основа да мислам дека спомнатата песна на Димковска е некој вид оска (не како онаа од песната „Љубовта што се распаѓа:“ таму таа љубов е „раскол“ и затоа „треба да се одвои од сопствената оска“) за книгата „Гранична состојба“ се две експликации (цитати од песни на Марина Цветаева и Блаже Конески), кои функционираат како рестриктиви на основната тема. Таа темна тема бара неопходен, макар во најопшти црти, коментар (ќе се погрижам и за тоа на погодно место). Цитатот од песна на Конески зборува за еден „измешан век“, кој може да се разбере како синоним за синтагмата „гранична состојба“. Цитатот од песна на знаменитата руска поетеса Цветаева зборува за „излишни“ луѓе што ги нема дури ни во „вашите нотеси,“ една од магистралните теми на руската литература воопшто, која доби потресна, модерна актуализација во романот „Архипелаг Гулаг“ на Александар Солженицин. Тој „Архипелаг Гулаг“ е руска, тоталитарна верзија на Хитлеровата „лагер-империја“ во која „Аушвиц“, според зборовите на Примо Леви, од оној веќе спомнат исцрпен коментар кон неговата книга „Дали е тоа човек“ од 1976, ја игра улогата на административен центар.

Има важен детаљ во завршниот дел на коментарот кон неговата прва книга (белешки на Леви од логорот „Малвиц“, на осум километри од „Аушвиц“ што ги води во текот на 1944), кои стануваат потоа текст на неговиот прв роман „Дали е тоа човек?“ Јас ќе се повикам тука на тој детаљ затоа што помага подобро да се разберат како оние два рестриктива што ја појаснуваат темата „гранична состојба,“ така и мотивот на модерен писател (Димковска), далеку од тоа да ја живее дрмата на „гранична состојба“ на начин на кој ја живееле и Цветаева и Леви, сепак да зборува за неа. Еве го сега тој детаљ: „Не треба да им веруваме на оние кои настојуваат да нè разуверат по друг начин од оној на разумот, поинаку речено на водачите со харизма: треба добро да го одмериме нашето решение пред да му ја препуштиме на друг власта да суди и да сака [волја] место нас. Затоа што тешко се разликуваат лажни од вистински пророци, не треба да им веруваме на пророците [месии]…“
Кон крајот на својот живот, Конески ја напиша (и објави) песната „Лажни пророци“ со поднаслов „Според евангелието.“ Таа песна зборува за сматни времиња, директниот поттик за две негови песни („Ракување“ и „Татковина“) што ги дели временски интервал од некој половина век. Токму тие „лажни пророци“ за кои зборуваа и Леви и Конески се некој вид фон за песните од „Гранична состојба“ на Димковска. Но и добро објаснение за тоа како, по чувство (иако не по – искуство!) може да се живее драмата на мачна, „гранична состојба.“ За тоа како се одвива и што кажува таа драма – во следниот напис.