Вечерва, во 20 часот, во ликовниот салон во Центарот за култура во Кичево, со својата прва самостојна изложба ќе се претстави Бојан Велески, студент на Филозофскиот факултетот на отсекот историја на уметноста и сертифициран фотограф, со повеќе награди и признанија на разни манифестации на кои учествувал. Тој на вечерашната изложба ќе се претстави со 10 фотографии на платно од голем формат и колекција од 8 слики на платно, мал формат.

– Тематиката на изложбата е минималистички приказ на природни форми што ги среќаваме околу нас, но не ги забележуваме. Инспирација за овие слики имам добиено од прошетки во природа, каде што и покрај толку многу снег, природата си го наоѓа патот нагоре и ништо не ја спречува да излезе на површина – вели Велески.

Тој во изминатиот период освои и повеќе награди и тоа прво место на натпреварот за фотографија „Излези надвор“, второ место на натпреварот за фотографија „Граѓански новинари“, МЦМС во Скопје, 2018, и сертификат за завршен курс по фотографија „Џолев и уметноста“ – Скопје 2016 г.