Во првата реченица се содржи најмногу писателска пот, затоа што неа треба да ѝ се надоврзе сѐ друго. Таа е почеток и претходница на сите следни реченици. Таа го навестува дејството, создава атмосфера и ја одржува суштината на книгата. Млади македонски автори зборуваат за тоа како ја создале првата реченица во своите дела

Читање на прв впечаток

Кога одите на средба со нова книга, замислете дека е личност. Насловот на книгата е нејзино наследство – тој секогаш оди пред неа, исто како што името оди пред личноста. Поглавјата на книгата се нејзиниот карактер. Стилот во кој е напишана книгата е нејзиниот темперамент. Завршната реченица на книгата е нејзината судбина. А првата реченица? Таа е нејзиното држење, став и боја на глас. Она што прво нѐ привлекува кон некоја личност е истото што нѐ привлекува и кон една книга. Првата реченица на книгата се нејзината харизма и сензибилитет. Таа е бариерата која ги раздвојува писателите и читателите – ако писателот не ја прескокне таа прва препрека, тој тешко ќе допре до оној за кого пишува. За тоа како ја создаваат првата реченица во своите дела зборуваат неколкумина наши млади автори.

– Со оглед на тоа што живееме во време кога се намалува вниманието на читателот, неговото привлекување со првата реченица од книгата добива сѐ поголемо и поголемо значење. За мене првата реченица не е ништо друго освен излегување од влезната врата и соочување со планината од зборови што претстои и треба да биде совладана. Посветувам еднакво внимание на првата, втората, третата… до последната реченица, но нема писател што ќе каже дека не сака впечатливо да го почне и заврши делото. Јас сум еден од оние автори на кои пишувањето им е завршната фаза во создавањето на делото, затоа што претходно имам зацртано патеки по кои би се движел изразот, така што првата реченица за мене е отворање на портите и истурање на поплавата на значење врз дигиталниот бел лист. Лично, сакам да започнам едноставно, за потоа да си ја комплициран работата, како на пример: „првата реченица може да ми биде последна“ – вели Златко Гелески, автор на кратки раскази и филмски проследувач.
За младата поетеса и авторка, која живее и работи во Јапонија, Зорица Петкоска -Калајџиева, насловот е клуч за растајнување на делото, а првата реченица е магија.
– Првата реченица ја пишувам да биде како да дувнал ветер и да се отворил прозорец со тресок. Како да паднало нешто во кујната и трчаш да провериш што е. Како да еруптирал вулкан. Првите реченици во моите раскази ги пишувам со надеж дека ќе го штипнат читателот. Ги промислувам, ги тестирам на луѓе (етички), гледам да се убави, но сепак доста едноставни, да тежат од информации, ама да не откријат сѐ. И истиот пристап го имам и во моите патописи и новинарски текстови. Исто толку важна ми е и последната реченица, последниот стих во песна, затоа што текст со добар почеток, а лош крај, е како лажно ветување – вели Петкоска-Калајџиева.

Стефан Марковски, пак, смета дека низ историјата имаме многубројни примери со големи романи во кои првата реченица настојува да сублимира некаков микрокосмос на ниво на приказна, структура или рамковна филозофска нота, но во денешната „класична“ литература и сценарија, односно драмски текстови, авторите сѐ повеќе настојуваат првата реченица да претставува „кука“ која би го уловила вниманието и би ни влеала желба да го прочитаме/видиме делото.

– Тоа е така и поради сеопшто променетата животна динамика во која книжевниот израз и приказната тежнеат кон компримирање и едноставност, но пред сѐ од пазарни причини. Почнувањето на првата реченица е прашање на субјективната авторска арс-поетика и основни методичко-креативни постулати. Од пред неколку години, за разлика од случајот со прекумерната спонтаност во моите први книги и, веројатно, поголемиот дел од моите песни (слободата во поезијата сепак отвора друга тема), настојувам да ги имам барем главните поетски нишки и конституанти на еден прозен/драмски/сценаристички текст во глава, во најмала рака оние кои би утврдиле некаква компактност на целината (приказната, разработените ликови, дискурсите, нарацијата и стилот на пишување) пред делото да биде формално започнато. Она што го перципирам како една од главните, ако не и главна цел на еден автор, е да се располага со умешност да се пишува спонтано и истовремено препознатливо, уникатно, психолошки длабоко и убедливо, а воедно да се располага со префинетост која овозможува соодветно изложување, и заради ова ценам дека е повеќе од корисно „да се разработат“ книгите во глава (или на хартија), некогаш и до најситни замисливи детали пред да се почне макар и со првиот збор – вели Марковски.
За Јана Узунова, пак, првата реченица во нејзиниот роман „Вергина“ се родила спонтано.

– Долго време ја имав идејата, но не знаев како да почнам. По една бурна ноќ, во целата своја вознемиреност, седнав и ги напишав првата реченица и првата страница од романот. Идејата како да имаше своја волја и како самата да бараше од мене да биде раскажана. Верувам дека за секој е различно, но мислам дека чувството најдобро го доловува Буковски во својата поема „Значи, сакаш да си писател?“ – „Ако не се истури од тебе и покрај сѐ, тогаш не го прави“ – вели таа.

Сценаристката Ева Камчевска, пак, зборува за првите реченици во едно сценарио.
– Со оглед на тоа што сценариото не е литература за читање туку „архитектонски“ план за снимање филм, првата реченица не е толку важна колку првата сцена. Во неа, за разлика од прозата, првата реченица не бара епитети и китења, бара зборови, слики и емоција. Затоа гледам првата сцена да заскокотка, да зоврие крв за да привлече внимание за читање на сценариото докрај – вели таа.
Авантуристот Евгениј Хоуп, пак, смета дека првата реченица треба да ја содржи тематика што ќе се разработува во книгата.

– Барем за миг да му се даде можност на читателот да ја почувствува атмосферата со која ќе се сретне во приказната. Понекогаш првата реченица е пресудна за книгата да добие нови читатели – заклучува Хоуп.
Сепак, постојат книги што нѐ купуваат со првиот впечаток и книги на кои мораме да им дадеме шанса со следната реченица. Која е улогата на првата реченица?
Во првата реченица се содржи најмногу писателска пот, затоа што неа треба да ѝ се надоврзе сѐ друго. Таа е почеток и претходница на сите следни реченици. Таа го навестува дејството, создава атмосфера и ја одржува суштината на книгата. Таа ве тера да се запрашате колку ли време потрошил писателот додека ја создал својата идеална прва реченица. Додека ја пишувал, тој сакал таа да претставува мост помеѓу него и читателите. Првите реченици не се случајни. Во првата реченица на книгата го запознавате писателот, додека преку сите преостанати се запознавате со делото.
Еве што велат светските писатели за своите први реченици.
– Најголем број од моите приказни произлегле од првите реченици, тоа се реченици што ми доаѓаат во непредвидени моменти – вели Давид Албахари во антологијата „Како пишуваат писателите“.

За славниот Орхан Памук, најтешката работа секогаш е токму првата реченица. Својата прва реченица, Памук ја пишува и брише од педесет, па до речиси илјада пати. Ја пишува рачно, во бележници, само на една страница, додека спротивната ја остава празна за дополнителните промени што ги вметнува како дијалози во стрипови – во „балони“. Потоа, своите бележници ѝ ги испраќа на дактилографката да ги препише, а потоа таа му ги враќа како ракопис, во кој тој внесува измени врз основа на кои потоа таа би направила нова верзија. И така, во три до четири циклуси. Памук пишува секаде каде што ќе му се „случи“ инспирација: во авиони, хотелски соби и други места каде што ќе се најде.

За Орхан Памук, најтешката работа секогаш е првата реченица

Најпознатите први реченици од светската книжевност

Невозможно е да се запамти секоја прва реченица од книгите што сме ги прочитале, но сепак, некои почетни реченици го обележуваат делото и стануваат историја. Во продолжение се некои од најпознатите први реченици од светската книжевност:

– Сите среќни семејства си прилегаат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин – (Лав. Н. Толстој ,,Ана Каренина“)

– Мора некој да го наклеветил Јосиф К., бидејќи едно утро беше уапсен, иако не направил никакво зло – (Франц Кафка „Процес“)

– Јас сум болен човек…лош човек – (Фјодор М. Достоевски „Записи од подземјето“)

– Општопознат e фактот дека на богат неоженет човек му е неопходна жена – (Џејн Остин „Гордост и предрасуда“)

– Беше ведар и студен априлски ден; часовниците покажуваа тринаесет часот – (Џорџ Орвел ,,1984“)

– Сите деца, освен едно дете, растат – (Џејмс Метју Бари „Петар Пан“)

– Наредните денови никој не умре – (Жозе Сарамаго ,,Смрт во интервали“)

– За да ја раскажам мојата приказна, ќе морам да почнам од подалеку – (Херман Хесе ,,Демијан“)

– Госпоѓа Даловеј рече дека сама ќе купи цвеќе – (Вирџинија Вулф ,,Госпоѓа Даловеј“)

– Само што се вратив од посета на мојот газда – осамен сосед со кој ќе имам непријатности – (Емили Бронте ,,Оркански височини“)

– Еден ден прочитав една книга и целиот живот ми се промени – (Орхан Памук „Нов живот“)

– Во младите и чувствителни година, татко ми ми даде совет кој оттогаш непрестано го премотувам во главата – (Ф. Скот Фицџералд „Големиот Гетсби“)

– Лолита, светлина на мојот живот, огнот во моите препони. Грев мој, душа моја – (Владимир Набоков „Лолита“).

– Денес почина мајка ми. Или можеби вчера. Не знам – (Албер Ками „Странецот“)

– Кој не би се сомневал доколку некој му тврди дека поминал цел викенд со Бог, и тоа баш во некоја колиба? – (Вилијам П. Јанг „Колиба“)

– Кога Грегор Самса едно утро се разбуди од немирните соништа, се здогледа себеси во постелата претворен во огромна бубачка – (Франц Кафка „Преобразба“)