Долгоочекуваната ретроспективна изложба „Чистачот“ на Марина Абрамовиќ, една од најголемите светски уметници, ќе биде прикажана на домашната и на регионалната јавност во Музејот на современата уметност во Белград, од 21 септември до 20 јануари наредната година. Воедно, ова ќе биде единствена можност публиката да се запознае со најзначајните дела на една од водечките уметници на перформансот во нејзиниот роден град, за првпат по 44 години. „Чистачот“ е прва голема европска ретроспектива на работата на Марина, премиерно прикажана во 2017 година во Шведска, за потоа да ги обиколи Данска, Норвешка, Германија, Италија и Полска. Изложбата во Србија претставува последна станица на турнејата и носи посебно значење, бидејќи го симболизира враќањето на уметницата во градот на своето раѓање, каде што последен пат самостојно изложувала во далечната 1975 година, во салонот на Музејот на современата уметност.

– Многу се радувам на враќањето дома и претставувањето на ретроспективата на публиката на овие простори. Желба ми е „Чистачот“ да ја видат пред сѐ младите, на кои би сакала да им приближам што сѐ сум направила во изминатите 50 години. Секоја нова генерација носи некоја посебна енергија, што за мене претставува вечна инспирација – изјави Абрамовиќ по повод изложбата.

Поставката хронолошки ги следи сите фази на комплексната педесетгодишна кариера на уметницата – од раните сликарски и концептуални дела преку соло-перформансите и заедничката работа со Улај, до култните дела од самостојната кариера. Низ оваа ретроспектива, која пред сѐ има едукативен карактер, публиката ќе може да види над 120 дела (слики, цртежи, објекти, фотографии, аудио и видео дела, филмови, сценографија, перформанси и архивски материјал), антологија на делата на уметноста на перформансот (сериите „Ритам“, „Усните на Томас“, „Релациски дела“, „Премин преку ноќното море“), како и дела што го одбележаа нејзиниот рецентен опус („Балкански барок“, „Седум лесни претстави“, „Уметникот е присутен“). Изложбата ќе содржи и проекции на филмови за Марина, предавања за уметноста на перформансот и јавни разговори, со цел да се приближи нејзиното творештво, кое вклучува и значајни дела од раната белградска фаза.

Европската критика има многу пофалби и највисоки оценки за изложбата „Чистачот“, која носи исклучителна уметничка вредност и отвора нови перспективи кај посетителите, имајќи предвид дека Абрамовиќ, пред сѐ, е светски позната по радикалните перформанси во кои постојано ги преиспитува и ги поместува сопствените физички и психички граници.