По пауза од неколку месеци, поради глобалната пандемија предизвикана од коронавирусот, Националната опера и балет ќе одржи ексклузивен оперски гала-концерт и балетска претстава на отворено, под ѕвездите, насловен „Опера и балет под ѕвездите“. Концертот е закажан за 25 септември, со почеток во 21 часот, на платото пред Националната опера и балет. Настапуваат солистите: Сандра Митровска (сопран), Катерина Стојановска (сопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор) и Владимир Саздовски (бас), во придружба на оркестарот при Националната опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска.
Во вториот дел, публиката ќе има можност да го проследи балетот „Болеро“ од Морис Равел, во кореографија на Саша Евтимова, подготвена во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца. Настапуваат женскиот балетски ансамбл, Катерина Стојановска (сoпран) и оркестарот на Националната опера и балет. Диригентка е Бисера Чадловска. Концерт-мајстор е Верица Ламбевска, кореографка – Саша Евтимова, а режисер – Дејан Прошев. Костимите ги изработи Марија Пупучевска
Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата на ковид-19 за одржување настани на отворено, одобрени од Комисијата за заразни болести. Задолжително е носење заштитна маска.