Книжевниот фестивал за мали фикции „Друга приказна“ се одржува по четврти пат. Фестивалот, кој почнува утревечер во 20.30 часот во МКЦ, е регионален по својата природа, и во четирите фестивалски дена дваесетина значајни имиња од регионот заедно со исто толку домашни, ќе креираат, дискутираат и ќе осознаваат нишајќи се на границите меѓу можното и неможното.

– Она што е особено значајно оваа година е одбележувањето на два, за нас особено важни, јубилеја: 25-годишнината на списанието за култура „Маргина“ и 10-годишнината од порталот „Окно“. Тоа е и една од причините насловот на главната тема на фестивалот оваа година да биде „На маргините“. Лауреат на четвртата „Друга приказна“ е Ненад Величковиќ, писател од Сараево, Босна и Херцеговина. Величковиќ има комплексен и разгранет книжевен опус (неколку негови книги се преведени и на македонски), но има и големо искуство во некои алтернативни образовни книжевни практики, кои често се занимаваат и со тоа која книжевност треба да биде канонска, национална, школска, а која да биде „на маргините“ – велат организаторите.

Со годинашната фестивалска тема „На маргините“ целта е да се разговара за маргините како физичка или ментална ситуираност или светоглед. За маргините како политички, географски, стратегиски, општествен, културен, егзистенцијален, поетички или книжевен феномен. Во рамките на програмата утре од 19 часот ќе се одржи разговор за списанијата и порталите, а во 20.30 ќе биде отворена изложба на корици на списанието „Маргина“. Во наредните денови ќе има разговори и читања, перформанси, проекција на кратки филмови, концерти и др.