Големата мисла на уште поголемиот Петре М. Андреевски треба да нè води воопшто, а особено во оваа „чудна“/пандемична 2020 година: „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Имам чувство дека оваа мисла нè водеше и сите нас на годинашната Летна школа на семинарот

Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Во траење од две недели се одржа 53. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Колку учесници имаше, какви се впечатоците?
– Оваа 53. Летна школа беше сосема поинаква. Не бевме во Охрид, во домот на великите св. Климент и св. Наум, на големите Кузман Шапкарев и Григор Прличев, на Живко Чинго. Сите, и слушателите, но и лекторите и предавачите, останаа во своите катчиња, семинаристите во своите земји, на своите универзитети, предавачите и лекторите во Македонија. Значи, оваа 53. Летна школа навистина беше поинаква. И како таква ќе ја паметиме сите ние што бевме дел од неа и како организатори, особено Советот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, но и како реализатори, особено лекторите што секојдневно во периодот од 9 до 12 часот од 17 до 29 август беа со своите групи, како и професорите од неколкуте значајни високообразовни и научни институции: Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ и Институтот за македонска литература, сите од големиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ преку своите предавања и курсеви. Секако, и во вакви нови услови работата на Летната школа ја поздравија со свои обраќања и претседателот Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.

Дали се соочивте со тешкотии во организацијата, со оглед на актуелната ситуација со пандемијата?
– Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура правеше вистински напори и 53. Летна школа, но и 47. Меѓународна научна конференција да се одржат во живо, на истото место каде што опстојуваат веќе нешто повеќе од 50 години – во Охрид. Но следејќи ги најновите случувања со пандемијата во средината на јули, се одлучивме за варијантата на лекторски часови на далечина, иако мора да признаам и кај самите кандидати, во тоа време потенцијални семинаристи на годинашнава летна школа, имаше двоумење. Мора да бидеме и искрени – сите сакаат безрезервно да ги учат македонскиот јазик, литература и култура, ама повеќе сакаат тоа да го прават во живо. И да чекорат по охридската калдрма и да пеат и да учат да играат македонски песни и ора, да ја играат, пеат и свират популарната песна „Македонско девојче“, да ја слушаат и да учат да ја читаат/рецитираат „Т’га за југ“… Уште некаде во 1948 год., Блаже Конески напиша: „Нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“. А за да го ковеме и исковеме, потребни ни се сериозни македонисти, суптилни проучувачи и познавачи на македонскиот јазик, литература и култура, вљубеници во македонскиот збор, добри/сериозни преведувачи. Токму таква ковачница е, но и ќе биде и понатаму, овој семинар. Затоа воопшто не е претерано кога кажувам јасно и гласно дека на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура гледам како на вистински продолжувач на она што го започнаа и Ѓоргија Пулевски и Крсте Петков Мисирков. А годинешниве 30 учесници од десетина земји се чувствуваат и како избраните да ја продолжат работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура преку своето учество на 53. Летна школа во една поинаква форма, со лекторски часови и предавања на далечина.

Годинава и Летната школа и Меѓународна научна конференција се во знакот на неколку јубилеи. За што станува збор?
– Во името на 75 години македонска азбука и стандарден македонски јазик ги имавме предавањата на Емилија Црвенковска, „Од глаголица до современа македонска кирилица“, и на Симона Груевска-Маџоска, „Јазичната политика за македонскиот јазик од неговата стандардизација до денес“. Секако, тука се и јубилеите 100 години од смртта на најголемиот собирач на македонски народни умотворби, Марко Цепенков, и 100 години од раѓањето на Славко Јаневски, како и од академик Божидар Видоески, таткото на македонската дијалектологија, и во врска со тоа предавањата на Трајче Стамески и на Соња Стојменска-Елзесер, како и на Марјан Марковиќ. Особено беа интересни предавањата на Ангелина Бановиќ-Марковска и на Димитар Пандев, кои во дијалог ги ставија, едниот Чернодрински и Дуковски (по повод 120 години од праизведбата на драмата „Македонска крвава свадба“), а другиот Григор Прличев и Константин Миладинов (по повод 190 години од нивното раѓање). Секако, нашето отсуство од манастирскиот комплекс „Св. Наум“, кој го посетуваме секоја година во рамките на летните школи, го „оправда“ Ѓоко Ѓоргевски со своето предавање „Духовното наследство на св. Наум Охридски“. Имавме навистина убави поводи и уште подобри предавачи. А знаењата од областа на македонистиката можеа да се дополнат и со курсевите од областа на македонскиот јазик, литература и култура понудени од Никос Чаусидис, Кристина Николовска и Славица Велева. Сето ова е достапно како видеозаписи и презентации на веб-страницата на УКИМ, во делот посветен на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, како и на социјалните мрежи.

Се одржаа и промоции на изданијата на институциите врз чиј грб паѓа целата работа на семинарот. Кои сѐ книги се издадени?
– Секоја година Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ и Институтот за македонска литература во рамките на летните школи прават презентации на научните постигнувања преку промовирањето на своите изданија (списанија, зборници, монографии). Така што, бидејќи сè беше на далечина, и овие презентирања беа организирани во „Пауер поинт“ од Анастасија Ѓурчинова, продеканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, и Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература, и се прикачени на веб-страницата на УКИМ. Останува најљубопитните да ја посетат страницата и таму самите да ги откријат насловите, темите, проектите поврзани со македонскиот јазик, литература и култура објавени од овие високообразовни и научни институции.

Како поминаа курсевите за македонскиот јазик и за македонската литература и култура?
– Пред најголемите предизвици беа исправени шестмината лектори, кои секојдневно беа со своите семинаристи. Се работи и за искусни, но и за перспективни имиња, со долго, повеќегодишно професионално искуство и како универзитетски професори, но и како лектори на странските универзитети, како што е Гордана Алексова, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и некогашна повеќегодишна лекторка по македонски јазик на Истанбулскиот универзитет, која оваа година ги водеше лекторските часови за слушателите од напреднатото ниво, или Борче Арсов од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ и некогашен лектор по македонски јазик на ИНАЛКО во Париз, кој, пак, работеше со слушателите на почетно ниво. Товарот на оваа лекторска настава го понесоа и Бојан Петревски, исто така некогашен лектор по македонски јазик на ИНАЛКО во Париз, и Бобан Карапејовски, младите кадри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кои работеа со семинаристите што имаат познавање на македонскиот јазик на средно ниво. Во работата на лекторските часови на далечина или, популарно кажано, на онлајн часовите беа вклучени и две лекторки од странските универзитети каде што се изучува македонскиот јазик, и тоа Биљана Стојановска од Универзитетот во Риека и Марија Пандева од универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Сите, и ние, како Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, но и самите семинаристи, бевме исправени пред предизвикот. Ние да понудиме исклучително квалитетна настава, поточно да им помогнеме во изучувањето на македонскиот јазик на далечина, а тие да го научат што подобро, поточно да го унапредат своето познавање/знаење на македонскиот јазик. Секако, лекторската настава немаше да може толку лесно да се трансформира во настава на далечина доколку Меѓународниот семинар за македонски јазик не ги испратеше своите најнови учебници „Тешкото“ (почетно ниво) од Симон Саздов, „Лозје“ (средно ниво) од Гордана Алексова, „Златоврв“ (напреднато ниво) од Анета Дучевска и мојата книга „Везилка“ (македонска литература и култура) во електронска форма до сите лектори што ја изведуваа наставата на Летната школа оваа година. Истото тоа го направивме претходно до сите универзитетски центри каде што се изучува македонскиот јазик, литература и култура, па, така, лесно можеше да се организира и таа настава на далечина од моментот кога речиси секаде во Европа, па и во светот беше прекината наставата во живо поради пандемијата.

Со кои теми се занимава годинашната 47. Меѓународна научна конференција?
– Стоиме исправени пред почетокот на 47. Меѓународна научна конференција. Сепак, неа ќе ја одржиме во живо во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Беше планирана за 4 и 5 септември, но поради намалениот број на учесници во живо, ќе се одржи само на 4 септември. Годинава одзивот за учество на оваа конференција беше исклучително голем, осумдесетина странски и домашни научници, слависти, балканисти и македонисти. Странските македонисти и слависти нема да дојдат, но тука сме сите ние што ќе ѝ дадеме посебен печат не само од научен аспект туку и со почитувањето на сите предложени мерки во време на пандемија при одржување вакви собири. Темите на кои ќе се работи, во договор со годинешниве координатори Гоце Цветановски и Наташа Аврамовска, се поврзани со веќе споменатите јубилеи. Така, во секцијата јазик ќе се работи на темите: „Дијалектологијата – предизвик на 21 век (мост што ги поврзува историските и современите проучувања во јазикот)“, а е по повод 100 години од раѓањето на академик Божидар Видоески, и „75 години стандарден македонски јазик“. А во секцијата литература и култура глобалната тема гласи „Колективната меморија и нејзината трансформација во литературата и културата“, смислена во чест на одбележувањето на две значајни годишници: 100 години од смртта на Марко Цепенков и 100 години од раѓањето на Славко Јаневски, како и 70 години од првото поголемо прозно остварување, неговата проза (повест/новела) за млади „Улица“.

Семинарот за македонски јазик, литература и култура има за цел, меѓу другото, и да даде поттик за натамошниот развој на славистичката наука кај нас и во светот. Колку успева во ова?
– Славистиката и воопшто хуманистиката е пред предизвик во однос на техничките и информатичките науки. И во тој контекст во оваа пригода сакам да го кажам она што веќе го истакнав и во моето обраќање до учесниците на 53. Летна школа, секако преку видеозапис. Тоа е онаа голема мисла на уште поголемиот Петре М. Андреевски што треба да нè води воопшто, особено во оваа „чудна“/пандемична 2020 година, а гласи токму вака: „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Имам чувство дека оваа идеја е онаа што ги носела сите што во далечната 1967 година дадоа иницијатива, а потоа и учествуваа во нејзината реализација на т.н. Славистички семинар на тогашниот Универзитетот во Скопје, а сега Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ама имам чувство и дека оваа мисла нè водеше и сите нас како дел од 53. Летна школа, буквално сите, и оние од онаа страна на екранот, и оние од оваа страна на екранот. Оваа мисла ги води и нашите лектори на странските универзитети, кои секоја година преку своите часови од областа на македонскиот јазик, литература и култура како дел од големата словенска и европска култура, регрутираат нови и нови македонисти и вистински вљубеници во македонскиот јазик, песна, книга, наука, култура…