Полковникот

– Бројот на загинатите од ковидот ги надмина жртвите на земјотресот – ми вели утрово Полковникот, долговечниот маалски комшија, со маска, качен на својот пони-велосипед.
– Навистина? – го прашувам, под маската, од спротивната страна на уличката, јавнат на својот запрен велосипед.
– Да, да – вели сигурно – во земјотресот беа 1.070, души кутрички, а сега многу повеќе, и секој ден повеќе.
Се среќаваме често наутро, тој на враќање од самопослугата „Реплек“ додека на држачите на велосипедот се клатат ќесиња со леб и млеко, јас тргнат кон кејот малку да ја издувам насобраната нервоза поради короната.
Него во маалото сите го викаме Полковник, зашто работел на воениот аеродром во Петровец и одамна таму и се пензионирал. Мислам дека бил граѓанско лице во служба на армијата, но во секој случај не верувам дека можел да стигне до толку висок чин. А самиот тој е висок, исправен старец што и своето „пони“ го вози прав како свеќа.
Нашите брзоминутни видувања на уличката, откако ги запираме велосипедите, се доволни да размениме по неколку ведри реченици. И кога започна корона-окупацијата, неговото расположение остана позитивно, олабавено се шегуваше дури и со алчните урбани инвеститори што ни короната не ги запре да ги рушат старите куќи, да ги сечат дрвјата во дворовите и забрзано да произведуваат новоградби. – Работливи, нема што. Небаре имаат по сто раце.

Или, за ракијата: – Решив да ја смалам. Наместо три чашки на ден, само едно шише.
Но дури и да е цврцнат, Полковникот не само што не преплетува со јазикот туку и кога си потпевнува те гледа бистро, со истата полунасмевка. Имено, Полковниковото пони е озвучено, на дршката од велосипедот има со селотејп заврзан стар транзистор, постојано пуштен на радиото „Бубамара“, од каде што емитираат бившојугословенски хитови. – Цуне, Оливер, тоа се гласови. Легенди.
Доживотен обожавател е на Тереза Кесовија: – Лепотица! Не се раѓа таква. Убава, стројна, а глас како ангел… Пријатељи стари, гдје сте…
Но овој пат, видов дека нешто не чини. Прво, утрово транзисторот не беше пуштен. А и полунасмевката ја немаше, а очите, некако замаглени: – Ми почина другар. Проклетиот ковид. Пилот. Момак и по… Пријатељи стари, гдје сте…