Фото: Илија Павлов

И покрај сите ризици, кои се разликуваат од продукција до продукција, пандемијата придонесе за поголема солидарност, бидејќи сите ние сме на некој начин погодени од новонастанатата ситуација и мора со заеднички напор да се обидеме да ги надминеме пречките и предизвиците, вели Лазаревски

Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм

Бојан Лазаревски, актуелниот директор на Агенцијата за филм, кој претходно беше член на управниот одбор, на оваа позиција дојде во декември. Тој има долгогодишно искуство во банкарскиот сектор, а во својство на член на УО на Агенцијата за филм ги менаџираше одлуките за буџетите за филм. Toj дојде на директорката позиција на местото на Горјан Тозија. Според него, и во услови на пандемија и под протоколарни мерки, филмската уметност продолжува да се развива, филмските уметници перманентно творат и создаваат. Засега се снимени пет филмски остварувања, а уште неколку се во тек. Минатата година македонскиот филм успеа да се позиционира и да биде присутен на најпрестижните филмски фестивали.

Како се одразува пандемијата на филмската индустрија во земјава?
– Принудени сме да се адаптираме на новите случувања и мора сите здружено да работиме за да овозможиме стабилен и одржлив развој на македонската кинематографија. Несомнено е дека пандемијата си го зема својот данок на еден или друг начин, самиот мониторинг на здравствената состојба на секое лице што е дел од сет и набавката на заштитна опрема резултира со зголемени трошоци, секако тука е и ризикот од инфекција, кој може да предизвика одложување или комплетно запирање на продукцијата.

Групните сцени што инволвираа голем број статисти, во моментов претставуваат луксуз. И покрај сите ризици, кои се разликуваат од продукција до продукција, пандемијата придонесе за поголема солидарност, бидејќи сите ние сме на некој начин погодени од новонастанатата ситуација и мора со заеднички напор да се обидеме да ги надминеме пречките и предизвиците. Сепак, подобро е да се снима дури и под вакви услови отколку воопшто да не се снима. Можеби овој период ќе влијае и на конечната содржина што ќе се создава и ќе резултира со нови, креативни и уникатни дела во кои публиката ќе ужива.

Снимени се пет филма во услови на пандемија и под протокол. Како го оценувате овој податок? Во споредба со минатите години, како котираме годинава?
– Агенцијата за филм, во соработка со Друштвото на филмски работници, по неколкумесечната стагнација предизвикана поради пандемијата, подготви протокол за снимање за време на ковид-19, за да им овозможи на продукциските куќи да ги рестартираат своите проекти чии снимања беа суспендирани или комплетно откажани поради околностите. Досега се снимени пет мнозински национални проекти: три долгометражни, и тоа „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова, „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и „Денот на жената“ во режија на Гоце Цветановски, и два краткометражни филма – „Обичната Ели“ во режија на Лавинија Софрониевска и „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ. Во моментов се снима краткометражниот филм „Северниот Пол“ во режија на Марија Апчевска, а имаме и најава за снимање на „Можеби“ во режија на Кастриот Абдили. Овие филмови се во категоријата на малцински проекти, кои ги има сè повеќе на број. Во годините што следуваат, од соодветна временска дистанца ќе може да се увидат сите промени што ќе настанат како резултат на ова влијание, н,о сепак, и покрај сите предизвици со кои се соочивме, 2020-та ја испративме како една успешна година за македонскиот филм.

Како ја опишувате македонската филмска уметност во моментов?
– Минатата година македонскиот филм успеа да се позиционира и да биде присутен на најпрестижните филмски фестивали. Минатата, 2020-та ја заокруживме со 220 фестивалски учества и над 60 меѓународни награди, а успесите продолжуваат да се нижат и годинава, како што е случајот со долгометражниот филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов-Изи, во официјалната програма „Ворлд панорама“ на 51-то издание на најважниот фестивал во Азија – Филмскиот фестивал во Гоа, Индија. Убави вести донесоа и филмовите со македонско малцинско учество, и тоа со селекцијата на филмот „Улиште“ во режија на Блерта Башоли, копродукција помеѓу Косово, Северна Македонија, Швајцарија и Албанија, на најголемиот американски фестивал за независен филм „Санденс“, каде што освои три награди, и тоа за најдобар филм, најдобра режија и награда од публиката. Потоа долгометражниот игран филм „Барајќи ја Венера“ во режија на Норика Сефакој, македонско-косовска копродукција, кој беше селектиран во програмата на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам, каде што ја освои специјалната награда од жирито. Минатата година ја завршивме со досега незапамтена двојна номинација за „оскар“ на филмот „Медена земја“, своевиден преседан за еден документарен филм во историјата на „оскарите“ и првпат во историјата на македонската кинематографија. Најновото остварување на Милчо Манчевски, „Врба“, исто така имаше успешна фестивалска годинана, со повеќе од 25 филмски фестивали и пет освоени награди.

Филмот влезе и во потесната селекција за Европските филмски награди и беше официјален македонски кандидат за номинација за „оскар“. На фестивалот „Санденс“ бележиме континуитет на присуство на македонски филмови во последните четири години. Така, изминатава година краткометражниот филм „Налепница“ на Георги Унковски таму ја имаше својата светска премиера, по што следуваше една исклучително успешна серија на фестивалски учества, над 170 фестивали и дури 45 освоени награди! Ова е само дел од проектите што оставија свој позначаен печат во изминатиов период и успеаја да не позиционираат на светската филмска мапа. Македонскиот филм е веќе препознатлива категорија, а сето тоа е индикатор на квалитетот на проектите што Агенцијата за филм ги препознала и поддржала. Се надевам дека ќе продолжиме во нагорна линија и ќе преземеме понатамошни активности насочени кон развој и поддршка на креативни, свежи и оригинални проекти.

Какви филмови се снимија во услови на пандемија?
– Проектите што се поддржани од страна на Агенцијата за филм, во согласност со договорите имаат динамика на реализација од пет години. Оттука, оние проекти што се снимија изминатава година се проекти поддржани на минатите конкурси за поддршка на продукција. Нивната реализација секако беше планирана за изминатата година, но неочекуваниот развој на пандемијата ги попречи и одложи нивните планови. Особено ни е драго што се работи за проекти од млади и успешни автори, жанровски повеќето филмови што се снимаа се драми, а меѓу нив се најдоа и дебитантски дела на наши режисери, кои се надевам ќе си го остават својот белег. Останува да видиме какви проекти ќе произлезат од оние што Агенцијата за филм ги поддржа изминатава година и дали ќе бидеме сведоци на тематски промени или не.

Како продуцентските куќи го прифаќаат работењето под протокол, со каков предизвик се соочуваат?
– Филмската индустрија ја сочинуваат главно мали компании и креативни и технички хонорарни работници, што ја прават особено кревка во оваа глобална криза. Поради мерките на изолација, голем број продукции беа принудени да ги откажат или прекинат своите снимања, киносалите се затворија и сето ова предизвика домино-ефект низа целата индустрија и нејзините сегменти. Сето ова се случуваше многу брзо и предизвика драматични последици, чиј ефект е тешко да се процени. На некој начин, овие случувања ги принудија оние што се директно засегнати и погодени од оваа ситуација да размислуваат за нови и креативни решенија и методи за да ги рестартираат своите проекти. По завршувањето на карантинот, подготвивме формален протокол за снимање за време на ковид-19, кој ги содржи основните методи за утврдување на техничките и организациски мерки за превенција од инфекција. Мeѓу другото, мерките предвидуваат ограничен контакт помеѓу филмската екипа, мониторирање на здравствената состојба на сите што работат на сет, ограничувања на движењата на филмската и креативната екипа… Овие промени, иако навидум технички, драматично ја трансформираа работата на сет и го усложнија процесот на снимање. Сепак, индустријата брзо реагираше, и покрај сите предизвици, и полека почнува да се ревитализира. Моменталната ситуација налага сите ние, на глобално ниво, вклучувајќи ги и филмската дејност и нејзините чинители, да се адаптираме на новонастанатите околности, особено земајќи предвид дека не можеме да предвидиме колку долго ќе трае овој период.

Како ја оценувате филмската индустрија надвор од границите на Македонија?
– Европската аудиовизуелна индустрија е главниот носител на културната разновидност и креативност во Европа. Периодот на карантин резултира со затворање на киносалите и откажани или прекинати снимања низ цела Европа. На местата каде што карантинот беше укинат, по одреден период почна и рестартирањето на филмските проекти што работеа под строги протоколи за снимање. Голем број киносали повторно почнаа со работа за време на летото, иако со драстично намален број на публика. Голем број фестивали, меѓу кои и некои од најпрестижните, беа одложени, некои се одржаа онлајн, а некои се решија за хибриден формат. Сѐ додека не се најде начин за да се справиме со ризикот од инфекција, ситуацијата на глобалната сцена ќе функционира на овој начин. Токму поради овој удар врз филмската индустрија, владите на многу европски земји преку своите агенции го субвенционираа филмот преку различни механизми, а некаде и значително го зголемија буџетот.