Лидија Димковска, писателка

Во овој период на сеопшт шок, загриженост и неизвесност запишувам пред сѐ фрагменти во вид на стихови, реченици, дневнички записи. Сѐ уште ја барам внатрешната моќ да продолжам со еден веќе започнат роман, но во мене нешто како да е заглавено. Всушност, јасно ми е што: за мене пишувањето е дишење со полни гради, а во ова време на потиштеност и грижи дишењето е плитко и најчесто проследено со воздишки. Само да не ни е потребен респиратор, вели Димковска

Во „Нова Македонија“ почнавме нова рубрика, поттикната од актуелните случувања, со наслов „Приказни од самоизолација“… Па, еве, како вие би ја започнале вашата приказна?
– Ноќта ја брише реалноста, а утрото одново ја испишува на таблата на животот. Секој ден одново станувам свесна дека сме во состојба на карантин, дека ништо не е како порано. Бројки на заболени, на починати, на заштитни мерки врз екраните, а само неколку стотици километри западно од мене луѓето масовно умираат. Пандемијата на коронавирусот е обрач што се стеснува околу нашите планови, желби и соништа, но и околу нашите карактери и ега. Од совесноста на секого од нас денес зависи дали бројот на заболени и починати ќе се зголемува и дали пандемијата ќе заврши порано или подоцна. На работ на нервите сум кога гледам дека некои решиле да биде по нивно, но на сметка на сите други, а на работ на солзите сум кога избиваат доброто и емпатијата од луѓето на кој било начин.

Ако се знае дека првата реченица е многу значајна за тоа колку ќе биде предизвикувачки еден роман, дали можеби овие зборови би можеле да бидат почеток на подолга прозна форма? Или веќе пишувате нов роман?
– Можеби, никогаш не се знае! Не е исклучено дека еден ден сеќавањата на ова време од нашата севкупна човечка историја почнати токму со тие реченици ќе се преточат во роман, расказ, поема. Сепак, не верувам во ад хок пишување роман за нешто што токму во мигот ни се случува и на личен и на универзален план. Потребно ми е временско растојание за да можам да ја преработам во себе реалноста што е веќе минато во нова реалност, фиктивна, книжевна.

Велат дека изолацијата е природна состојба за еден уметник, но многумина од нив деновиве признаваат дека овој принуден карантин им ја ускратува и креативноста. Како е кај вас?
– Во овој период на сеопшт шок, загриженост и неизвесност запишувам пред сѐ фрагменти во вид на стихови, реченици, дневнички записи. Сѐ уште ја барам внатрешната моќ да продолжам со еден веќе започнат роман, но во мене нешто како да е заглавено. Всушност, јасно ми е што: за мене пишувањето е дишење со полни гради, а во ова време на потиштеност и грижи дишењето е плитко и најчесто проследено со воздишки. Само да не ни е потребен респиратор! Деновиве многумина писатели изјавуваат дека не можат да пишуваат, а еден од моите омилени автори вели дека не може ни да чита: и читањето и пишувањето бараат концентрација. Јас, за среќа, многу читам и всушност читањето ми е најголемата радост во овој период. А секое читање е за некое пишување во иднина, во тоа сум сигурна. Сега ми се чини дека се поважни рефлексијата, чувствувањето, размислувањето, сеќавањето, осознавањето и споредувањето на состојбите пред и потоа, прашањата за злото и доброто, па и за Бога, онтолошките, есхатолошките и материјалистичките анализи за епидемијата, соочувањето со себеси, со другите, враќањето кон основните човечки потреби и вредности, свесноста за минливоста, лекцијата на природата итн. Да бидеме тоа што сме, и во животот и во уметноста.

Живеете во Љубљана. Помисливте ли да се вратите во Македонија кога се случи пандемијата, имавте ли потреба да бидете „дома“? И ајде уште еднаш на ваш терен, темата на која често пишувате, што е „дома“ за вас?
– Парадоксално, но во гранична состојба домот станува крајно приземјен и практичен поим: го означува живеалиштето како такво. Се чини дека филозофското прашање за домот се повлекува пред човековото битие како осека: нема простор за релативизирање, прашување, па дури ни размислување. Домот во време на епидемија е таму каде што си со твоите најблиски, во мојот случај тоа е нашиот семеен дом во Љубљана и моето семејство. Во ниту еден миг не помислив да одам во Македонија, но во некое крајче од умот ми се јави страшната помисла дека нема да можам да отидам ни ако на некој мој близок во Македонија му се случи нешто лошо. Мерките за заштита што ги воспоставија државите и ги затворија границите и се, секако, апсолутно потребни, ме направија свесна дека сега сум сосема физички отсечена од моите најблиски во Македонија.

Во секој случај, морам да нагласам нешто: иако сама не помислив да одам во Македонија, верувам дека многумина од разни причини посакале или морале да се вратат. Реакциите на социјалните мрежи беа доста негативно и злобно настроени кон дијаспората во целост и морам да признаам дека тоа ме изненади и повреди, а такви реакции имаше дури и од луѓе што ги познавам и ценам. Мислам дека дел од населението во Македонија, кое никогаш не ги искусило предизвиците и тешкотиите на преселбите, неретко реагира на ваков начин: без разлика дали се работи за избори или за болести. Ама тоа, за жал, не се случува само во Македонија. Совесни и несовесни поединци има во секој народ, во секоја земја, без разлика дали се постојани или привремени жители. Но да се стави целата дијаспора во еден кош, на омразен начин, тоа значи дека сме далеку и од човечноста и од цивилизацијата. Всушност, често сме сведоци и на неоправдан бунт против секоја категорија на луѓе, која наводно „загрозува“ некое подрачје, град, населба, внатре, во самата држава. Лошите настани од човека го извлекуваат или најдоброто или најлошото, а оваа епидемија тоа најдобро го отсликува.

Во целиот овој хаос, по повод Светскиот ден на поезијата, 21 Март, во Словенија „Лириконфест – Поетична академија“ ве прогласи за добитничка на наградата „Чаша на бесмртноста – Велењица“, за врвен поетски опус во изминатата деценија. Успеавте ли онака искрено да ѝ се израдувате?
– Мислам дека вистински ќе ѝ се израдувам на наградата дури кога ќе ми биде доделена, во мај или, пореално, во септември. Ова е прекрасно признание за мојата поезија објавена во препев на словенечки во изминатата деценија, пред сѐ станува збор за моите поетски збирки „pH неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“. Поважно од тоа е што првпат во 15-годишното постоење на наградата ја добива авторка што не пишува на словенечки јазик, а наградата е наменета исклучиво за словенечките автори. Со тоа жирито го признава моето право да пишувам на мајчин јазик и истовремено да припаѓам на две книжевности. На тој начин наградата повлекува и политичка конотација и претставува преседан во словенечката култура. За жал, сѐ уште книжевноста се смета за национална творба базирана на националниот јазик и со неа државите го градат својот идентитет, а културата своите канони. А всушност секој автор е посебен свет, кој не би требало да подлежи на национални вреднувања и категории и јазикот на кој пишува во таа смисла не може да биде политички инструмент на моќта.

Се занимавате со прашањата за миграциите, бирократизацијата, националната алчност, емотивното страдање и заборавената историја. Епидемиите се уште една во низата глобалистички теми. Што мислите, ќе остави ли оваа состојба печат врз вашиот творечки интерес и, воопшто, во делата што допрва ќе се создаваат?
– Најверојатно, кај некои автори порано, кај некои подоцна. Пред повеќе од една година го започнав мојот нов роман, кој во целост се занимава со отуѓеноста на луѓето во современиот свет, дури и во дистопични рамки, како наметната отуѓеност од страна на општеството, како експеримент на тоталното отуѓување. Во него дури и децата се отуѓени. Се зафатив со овие теми од желба да ги истражам меѓучовечките односи од една, за мене, провокативна перспектива. По некое време го оставив, па ги пишував расказите од мојата збирка „Кога заминав од Карл Либкнехт“, која излезе минатата година во „Или-или“. Се прашувам дали е сега време да му се вратам на романот. Ми се чини неверојатно тоа што посегнав по тема што сега сме принудени да ја живееме – присилна отуѓеност, односно самоизолација. Мислам дека во иднина периодот на коронавирусот со своите многубројни конотации (медицински, социјални, економски, психолошки, политички итн.) ќе навлезе на овој или оној начин и во моите и во делата на многумина автори, бидејќи е многу слична парадигма со онаа на војната и на нејзините последици за човекот, човештвото и светот. А мене отсекогаш ме интересирале темите-документи, мали или големи истории на времето во кое живееме.