ПИСМО (2)

22 февруари
Сега можам да ти кажам кое е изненадувањето што ти го навестив на почетокот на писмото. Во пакетот, покрај писмото, соленките, слатките, храната и облеката, ќе најдеш нешто завиткано во украсна хартија. Што ли е тоа, се прашуваш. Ја одвиткуваш хартијата, кога таму – медалјон. Штом ќе го отвориш капакот, ќе го откриеш она што ти го подарувам од срце.
Денес татко ти се врати од работа тажен. Умислува дека колегите го гледаат со ококорени очи, како да е чумосан. Сиот растреперен ми се жалеше дека таму луѓето имаат страшни и напрегнати лица и дека насекаде му мириса на лага и расипаност. Беше толку изнервиран што ја слече топлата волнена блуза, ја фрли, и гол, само во маица, стоеше среде студената соба и викаше со висок глас, речиси фалсет. Беше ужасно! Ти знаеш колку е мирен татко ти, сталожен човек. А сега го почувствував немоќен како дете. Се обидов да го утешам, зборувајќи за тебе, кога тој се струполи врз постелата и почна да липа.
Мислам дека тетка ти е виновна за сѐ. Како и секоја година во ова време, ја повторува истата приказна. Божем, ти си премногу далеку и храната во пакетот ќе се расипе додека стигне до тебе. Можеби си се отселил на друга адреса и некои такви неразумности. Најмногу ме заболе што татко ти воопшто не реагираше. Се собра во фотелјата и молчеше. Тетка ти продолжи да дрдори нешто за неумоливоста на животот. Не можев да издржам, отидов во кујната и ги измив сите садови, а потоа со мокра крпа прејдов преку подот.

23 февруари
Пакетот сѐ уште не ти го пратив. Татко ти се разбуди со болки, па цело претпладне бев зафатена околу него. Потоа, морав да го приготвам ручекот, и тоа со настинката што сѐ уште ја влечам.
Денес и татко ти, додека го масирав со ракија, ми кажа дека е подобро ништо да не ти праќаме.
Но зошто? Па, тој чека од нас!
Тој ми ја запре раката, некаде кај градниот кош, и рече, гледајќи ме во очи: – Ти не сакаш да разбереш, ти само чувствуваш.
Твојот татко. Човекот што ме знае подобро и подлабоко од кој било. Со кого сѐ сум доживеала. Со кого станав тоа што сум. А сепак, понекогаш ми се чини дека сме туѓинци, два одвоени света. Чувствувам дека сака да ми помогне, но како да се плаши да не ме повреди.
Му реков за медалјонот. Токму поради тоа. Подобро да ме разбере. Внатре беше мојата фотографија. Снимена еден летен распуст. Имав шеснаесет години. Со плетенки и јагне во прегратката. Некаде тогаш, при крајот на учебната година, се запознав со него. Но на таа фотографија јас сѐ уште не бев бакната од машко. За да влезе во медалјонот, фотографијата ја исеков во круг. Од јагнето останаа само ушите и белото теме.
– Мислам дека сите ние еднакво го имаме чувството на несоодветство на времето што си минува и нашето време – рече татко ти. – Ни се чини дека вчера замина, како да е само еден ден отсутен, а сѐ околу нас го тврди сосема спротивното – дека долго го нема.