Македонската уметница Петра Јовановска со две свои графики учествува на изложбата „Славење на женската генијалност“, која од 8 март до 23 април се одржува во Орландо, САД, и на глобалната платформа „Гугл артс енд калчр“ („Google Arts & Culture). Јовановска учествува со делата „Двонасочна радост“ и „На тебе чекам“. Оваа ретроспективна изложба, која се одржува по повод 10-годишнината од одржувањето на натпреварувачките изложби „Жените во уметноста“, има цел на светот да му ги претстави своите победници и почесни лица на натпреварот на славење на женската генијалност. Во партнерство со јавната библиотека „Орландо“, изложбата „Жените во уметноста“ е избрана од културниот институт „Гугл“ да биде вклучена во глобалната платформа „Гугл артс енд калчр“. Платформата ги вклучува најпрестижните музеи и галерии низ целиот свет и се смета за голема чест да се биде дел од тој светски виртуелен изложбен простор.
Петра Јовановска, која дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика, досега реализирала 47 самостојни изложби, учествувала на над 300 групни изложби, а добитничка е и на награди во Македонија и во странство.