Париз, Дина, небо

Кај Дина, родена на ист ден со Ида, не само што воопшто немаше такви конфликти туку cè беше опуштено, благонаклонето, аморфно, како доцното попладневно париско небо. Од каде, ce прашувам, доаѓаше таа нејзина предаденост, речиси потчинетост? Можеби ѝ заличував на некој егзотичен бајроновски тип, со издолжени бакенбарди, бледо лице, пламени очи и во портокалова виндјакна, купена за џабе на Бит-пазар, a која во Париз изгледаше уникатно. Иако Дина беше доволно паметна за да сфати дека на овој бајроновски репликант веќе му ce откачиле конците и дека, дури и како на марионетка, му е неопходна целосна преправка. Оттука, веројатно, ce потчепна нејзината семитска сомилост, со која ме галеше по свежо потстрижениот врат, разнежена сестра и, истовремено, благо надразнета љубовница. Во едно од поповлечените кафулиња на Монпарнас ја сочекувавме вечерта, што постепено, со лесно, проѕирно перде, ја стивнуваше светлината.
Мрзливо го истражувавме небото, неагресивно, проткаено со нијанси како на платната на импресионистите. Одвреме-навреме, Дина ќе ги впиеше набрснатите, сочни усни во моите и бавно, оддолжено, ќе започнеше да ми го вцицува јазикот. Секундите ce влечеа како бескрајни escaliers roulants, додека од cè уште нетемното небо нешто блескаво намигна, ce испреврти, ce разигра. Итро и раздвижено, над нас прелетуваа бели фантомчиња. За миг, најразговорливиот град на светот ce пресели вечерум во височините, непредвидливо игрив и нè натера, одделувајќи ги разлигавените усни, да ce загледаме како вчудовидени деца во летачките духови, иако речиси веднаш ни беше јасно дека тие ce само одблесоци од ласерските реклами што ce емитираа од покривот на осумдесеткатницата кај „Лафајет“.

Некогаш нештата ми ce чинат постварни кога не ги познавам. Еднаш ноќе, како дете, отрчав во тоалетот да ce измочкам и го затекнав татко ми како мокри. Од откопчаниот шлиц на тегет панталоните ce истураше огромниот пенис, како големо исплазено црево. Слично како што на Ида ѝ ce закани, зад машината за перење, дебел озабен стаорец, a кога ce фати во стапицата, видовме малечко, влакнесто, исплашено глувче. И фантомите што жонглираа на париското небо беа од тој тип илузии, привиденија постварни од телата, но Дина и јас лесно, спонтано ce вживеавме во нивната игра.
Излегува дека сум неправеден кон Ида. И обајцата сме илузионисти, само што таа е отворено приврзана кон своите фантоми, a јас ce кријам под маските на Бетмен, Петар Пан и Пајо Паторот. Всушност, и обајцата си ги компензираме нашите мошне зачмаени животчиња. Ми текнува како Ида, жена со дух, но не секогаш духовита, пред да ce вљуби во Чехов умееше ненадејно, со брзи потези да зграпчи и да исече цел прамен на челото и потоа смирена да ce набљудува во огледалото.

Единствено не ми е јасно зошто толку строго ме изолира во светот на баналниот материјализам, кога пред себе гледа најнеснаодлив можен примерок. Останува како причина само тагата кон детенцето, но зарем не беше тоа и моја тага, и моја загуба? Сигурен сум дека Чехов и сличните чувствителни гении би го преболеле тоа многу подостоинствено. Или би создале некој страшно добар расказ со најдлабоко познавање на чаевите, на цутовите, на пеперутките и, ce подразбира, на женската душа.