Пандори

ЛЕТНИ ФУСНОТИ (3)

Чита еднаш во „Нова Македонија“, додека патува деловно со автобус до Битола (колку што може да се сети авторот е некој француски митолог), интересно толкување за ликот на Пандора, првата жена создадена од Зевс за да му напакости на човечкиот род. Таа прва жена, направена според образецот на божиците (луѓето, сè уште, биле само од машки род), зрачи со дотогаш невидена убавина, која веднаш ги вџашува и ги опчинува глупавите земни машки, но, исто така, користи (дотогаш нечуен) лажлив говор и поган јазик, па во елегантна облека и накитена, ги напаѓа затресканите мажиња со секојдневни, изискувачки барања од типот „подари ми го ова, купи ми го она“. Кутриот тој, само да легне со неа, ќе даде сè од себе да ѝ направи ќеф, да ѝ угоди, да ја израдува, да ѝ измами насмевка!
Ова суштество со фрцкав задник има и нагласен сексуален апетит, особено кога Сириус е сосем блиску до Земјата и станува ужасно жешко, па исушените машки уште повеќе се исцрпуваат, а жените, веќе намножени во приличен број, благодарение на својата влажност, се шират и бараат секс секој ден.
Такви се Пандорите, со незаситен апетит кон ламби, накит „сваровски“ шолјички за кафе „версаче“, чевли „гучи“, притоа постојано незадоволни, жолчни и покрај сите подароци и изнакупени скапи работи. А во одреден период, преку лето, ги фаќа иста таква надојдена, неуморна страст кон секс! Вината, и вака и онака, секогаш паѓа врз него. Не случајно Парацелзус, или некој сличен, има кажано: „Сè е отров и ништо не е безопасно. Единствено дозата е пресудна“.