Изложба на слики и инсталација со наслов „Реизградени сеќавања“ на Пандора Апостолоска Саздовска и на скулптури, „Минимални контрасти“, на Сашо Саздовски ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во Музејот на Град Скопје. Куратор на изложбата е Златко Теодосиевски.
Проектот „Реизградени сеќавања“ на уметницата Апостолоска Саздовска е мултидисциплинарен и претставува комбинација на слики, цртежи и објекти. Монументалните инсталации имаат цел да ги презентираат актуелните и ангажирани визуелни истражувања на уметницата.
– Проектот ги истражува историските случувања и дефинира вид уметност создадена да постои во одреден политички момент, со што на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание. Целиот проект содржи длабок постконцептуалистички пристап, со цел „да се разјасни“ дека уметноста понекогаш не мора да носи својствено значење само по себе, туку да дејствува како носител на тековното експериментирање и дијалог во поголема уметничка парадигма. Како концептуална уметница, Апостолоска Саздовска го намалува материјалното присуство на делото до апсолутен минимум, создавајќи еден вид „дематеријализација“ на уметноста. Историјата, спомените и личните приказни стануваат значаен сегмент во нејзината работа. Инспирирана од секојдневниот живот, таа го користи текстот изразувајќи еден вид фрагментација на реалното како критика кон општеството во кое живееме – вели Теодосиевски.
Пандора Апостолоска Саздовска има дипломирано на Академијата за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација во Скопје, Македонија, под менторство на Душан Перчинков и Танас Луловски (2004). Нејзината уметничка практика е фокусирана на односите помеѓу луѓето, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Досега има изложувано во музеи, центри и галерии за современа уметност, вклучувајќи го Музејот на Марк Ротко во Летонија, националниот музеј во Сиан, Кина, националниот музеј „Калакшетра“ во Индија, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан, Универзитетот за уметност во Букурешт, Романија, Националната галерија во Женева, Швајцарија, фондацијата „Хејдар Алиев“ во Баку, Азербејџан, „Ал Ашмах фондација“ во Доха, Катар и др.
Проектот „Минимални контрасти“, пак, на академскиот скулптор Сашо Саздовски има цел да ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата, паралелно со цртежот.
– Тој е дел од истражувачката серија на скулптури во кои авторот се обидува да ги спои природните материјали, како мермерот и гранитот, со вештачки добиените материјали создадени од човекот. Во овој проект авторот инсистира на минималистичка, а сепак монументално конципирана форма и истражувањето на соодносите светло – темно, природно – вештачко, движење – спокојство. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност. Делата на Саздовски имаат цел да го презентираат научноистражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш ги поттикнуваа експериментите на уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата – објаснува кураторот на изложбата.

Сашо Саздовски дипломира на Академијата за ликовни уметности, отсек за скулптура и графички дизајн во Скопје (2000), и магистрира на Катедрата за скулптура под менторство на Драган Поповски-Дада (2002). Неговата работа е научноистражувачка, фокусирана на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Најзначајниот сегмент во неговата кариера е реализација на монументални скулптури во јавниот простор. Досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Литванија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и во Македонија.