Визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска учествува на уметничкиот симпозиум и работилница за современа уметност во Маракеш, Кралство Мароко, кој започна вчера и ќе се одржува до 10 ноември. Симпозиумот е интернационален, а на неговата завршница ќе биде отворена и изложба со делата на сите учесници.

Апостолоска Саздовска е единствениот претставник од Македонија, а ова е второ нејзино претставување пред мароканската публика. Во 2017 година таа беше поканета на изложбата „Современата светска калиграфија“ од страна на Центарот за современа уметност во Асила, проектна изложба под покровителство на кралот Мухамед Шести.
Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје сликарство со реставрација и конзервација, под менторство на професорите Душан Перчинков и Танас Луловски. Нејзината уметничката практика во целина е насочена кон истражување на човековите односи и аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен.