Отворена изложбата „Натура“ на Тамара Забазноска

Во Галеријата на МКЦ е отворена изложбата „Натура“ на Тамара Забазноска, интердисциплинарна уметница и архитектка. Авторката ги стекнува првите знаења преку енциклопедиите и бајките, за понатаму да го насочи својот интерес кон математиката, геометријата и релациите во просторот.
Поттикната од тајните што ги содржи природата во корелација со новите научни истражувања, опусот што го претставува е базиран врз науката и знаењата. Изложбата насловена „Натура“ е израз на љубовта кон природата во сите нејзини манифестации, од најмалиот организам до црвениот гигант, кој лебди во универзумот и хистологијата на човекот.

– Со „Натура“ доаѓа љубопитноста, поривот да се истражат и откријат местата каде што човекот се среќава преку природата со себе. И додека ги користиме сетилата за да изразиме делови од нас што се скриени, така може да користиме и различни елементи за да го направиме видлив оној дел од природниот невидлив свет. „Натура“ е синтеза помеѓу универзалното и микроскопското, силите што ги брануваат длабочините на човечкото битие и природата, која крие тајни и нуди одговори. Можеме да ги примениме нејзините тајни и да ги прочитаме одговорите преку нови откритија како основа за нашата иднина – се вели во најавата за изложбата.