Фото: Зоран Шекеров

Она што го барав низ филмот „101 улога, 102 живота“, посветен на доајенот на македонската и албанската театарска сцена Бајруш Мјаку, се страста, упорноста и храброста да се биде дел од најтурбулентните периоди последниве педесетина години и да се даде слика колку се моќни талентот и посветеноста кога уметникот е искрен пред себе и публиката, вели режисерот на документарецот, Филип Херин

Филип Херин, режисер

Документарниот филм „101 улога, 102 живота“, во режија на Филип Херин, е посветен на доајенот на македонската и албанската театарска сцена Бајруш Мјаку, кој има одиграно точно 101 улога, поголемиот дел во продукција на Албанскиот театар во Скопје, а другиот во независната театарска продукција.
Добитник е на многу државни и интернационални награди: три награди „Војдан Чернодрински“, две награди на Фестивалот на мали театарски форми во Врача, Бугарија, награда за актер на Фестивалот на камерен театар во Фиер, Албанија, наградата „Ристо Шишков“ за најдобар актер на Фестивалот на камерен театар, награда за колективна игра на Експерименталниот интернационален театар во Каиро, Египет, и најзначајната награда – гран при на Фестивалот на монодрамата во Киев, Украина.

Што ве иницира да создадете филм што ќе го следи опусот на Бајруш Мјаку?
– Во македонското општество воопшто нема посветено филмувани биографии за носителите на културата и уметноста во државата. За да се истражи биографија на личност што повеќе ја нема со нас, а ние да ја разбереме во сиот нејзин креативен животен импулс, потребни се сериозни истражување за приватниот живот пред сѐ. Бајруш Мјаку ѝ припаѓа на генерацијата што е сѐ уште присутна во нашето секојдневие и обврска е, барем јас така се чувствувам, за некои идни генерации да оставиме сведоштва за неговиот живот и кариера. Двете книги што ги потпишува Мјаку, „Дневник на дневникот“ и „Мудрост и глупост“, сами по себе провоцираа да се направи филм за него. Во тие книги соработници на Бајруш се: Мирко Стефановски, Агим Сопи, Пиро Мани,Серафин Франко, Владе Милчин, Слободан Унковски, Рахим Бурхан, Бранко Брезовац, Горан Стефановски, Роберто Чули…

Што раскажува всушност „101 улога, 102 живота“?
– Mногу работи може да се извлечат како „таглајн“ за животот на Бајруш, но она што јас го барав низ филмот, низ неговата реализација, се страста, упорноста, храброста да се биде дел од најтурбулентните периоди последниве 50 години и да се даде слика колку се моќни талентот и посветеноста кога уметникот е искрен пред себе и публиката. Втора паралелна приказна е жртвата што уметникот ја дава секојпат кога го остава семејството за да ги исполни својата мисија и пасија – да се биде дел од светот (уметноста), чија примарна мисија се љубовта, почитта, самодостоинството…

Со што ве импресионира неговото актерско остварување?
– Бајруш Мјаку има одиграно 101 улога, поголемиот дел е во продукција на Албанскиот театар во Скопје, а другиот како ангажман во независна театарска продукција. Тој има одличен репертоар на улоги, секоја различна една од друга и секоја успешна. Емотивниот театар, полн со емоции, полн со искреност, со експлозија на чувства, кој е одлика на театарскиот опус на Мјаку, едноставно му дава на гледачот несекојдневно искуство во „читање“ на ликовите на Шекспир, Гогољ, Чехов…

Кои улоги на Бајруш сметате дека се најзначајни и треба да се повторуваат да не се заборават?
– Навистина е тешко да одвојам посебна улога. Секако, би сакал да го видам ликот на Лени Смол Малоумниот во „Глувци и луѓе“ на Стајнбек, Попрошкин во „Дневникот на Лудиот“ на Гогољ, Баал во „Баал“ на Брехт, ликот на Генералот во „Генералот на мртвата војска“ на Кадаре, но лично би сакал да го видам на сцената во ликот на Машинистот Лир во „Малограѓани“ на Максим Горки, која наедно е и негова прва претстава како професионален актер во 1973 година. Интересен е фактот дека режисер на оваа претстава е таткото на Горан Стефановски, Мирко.

Каква мисија му давате на документарецот, во кои води посакувате да предизвика бранови?
– Во оваа фаза документарецот има свој фестивалски живот, својата балканска премиера ја имаше на „Докуфест“ во Призрен, беше прикажан на ИФФ ОДА во Тетово, на кој доби и награда за уметнички придонес, која од оваа година, инспирирана од филмот и биографијата на Бајруш Мјаку, ќе почне да се доделува во континуитет. Филмот е поканет да гостува и на Интернационалниот фестивал во Тирана во октомври, а во тек се повеќе активни апликации на повеќе европски и азиски фестивали. Во однос на „бранувањата“, секако дека филмот отвора многу прашања, сведочи на многу политички, социјални, историски, пред сѐ културни мигови од пред педесетина години до денес.
Но сметам дека секој млад театарџија ќе го разбере овој филм како естетика на актерот и театарот и дека таа изградена основа ќе може да му помогне во неговото лично развивање како професионалец.

Екранизацијата на животот на Бајруш предизвика позитивни критики и ефекти… Што посебно ве радува кога го гледате вашиот успешно завршен проект?
– Секој контакт со публиката е ново искуство, нови прашања што си ги поставувам постојано, дали е извлечен максимумот од филмот, од приказната за Бајруш Мјаку. Мојата цел, како и на целиот креативен тим вклучен во филмот, беше на младите генерации да им оставиме едно сведоштво за еден живот и кариера, живот што стигна до европските и светските врвови, потпирајќи се единствено на својот талент и љубов кон уметноста, кон театарот, а притоа за секој пад, удар, емоција, да се биде посилен и подобар во наредниот обид, со сето срце, не криејќи од каде е, што е, со кого и за кого е.

Кои ваши размисли и замисли сакате да добијат киноприкажување?
– Има повеќе мои ангажмани што се во тек, според мене приоритетна е подготовката за екранизација на животот и делото на Славко Јаневски, на која неколку години неуморно истражуваме со фондацијата „Славко Јаневски“.
Од тековни отворени проекти е креативниот документарец за работата на „Биг бенд оркестарот“ на Здружението на џез-музичари. Во однос на играната продукција, сметам дека е сѐ уште рано да се отвораат картите, но убеден сум дека моќта на новата генерација романописци во Македонија и регионот ќе бидат доволно провокативни и интересни за јавноста, која некако заборавивме да ја изложиме на моќта на критичкиот филм кон реалноста што нѐ опкружува.