Изложбата „Фемина 8/4“ ќе биде отворена вечерва во 20.30 часот во КИЦ, во рамките на „Скопското културно лето“. „Фемина 8/4“ претставува омаж на творештвото на македонската сликарка Ана Темкова, која е препознатлива по својот интимистички сликарски израз со детали на архитектонски примери од македонски куќи, портрети, ликовни записи, придружени со мртва природа, цвеќе, огледала, ентериери и сл.
„Фемина 8/4“ создаде нови дела како реинтерпретација на едно дело од Ана Темкова со наслов „Ентериер и огледало“ насликано во техника масло на платно, изработено во далечната 1979 год.
– Објективизација и реинтерпретација на едно ликовно дело е пристап што се применувал во сите временски декади. Многу ликовни уметници од историјата на уметност во своето творештво се инспирирале од дела на други ликовни уметници. Тоа е еден концепт што „возобновува“ многу интересен сликарски систем создавајќи сосема нов и современ ликовен потпис – вели кураторката Јана Манева-Чупоска.
Опфатени се дела на Жанета Гелевска-Велјановска, Симонида Филипова Китановска, Касиопеја Наумовска, Жаклина Глигориевска, Емилија Божиновска, Шќипе Мехмети, Дита Старова, Ана Ивановска, Јана Јакимовска од Македонија, Маша Гала, Андреа Ержен и Маруша Стибел од Словенија и Гајатри Хорват од Хрватска. Изложбата е во организација на ДЛУМ.