„Матица македонска“ го објави романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова. Најновото дело на познатата писателка е автентично сведоштво за човечките судбини во Првата светска војна, кои засолниште наоѓаат во Британската воена болница во Скопје.

Оливера Николова во изминатите четири децении создаде богат прозен опус, со што обележа многу значајна етапа во развојните процеси на современата македонска литература. Романот „Песот со тажен поглед“, по својата тематска определба и по својата естетска носивост претставува извонредно сплетен мозаик, кој говори за трагични мигови што се случувале на балканските простори. Во богатата литературна хроника, авторката мајсторски го гради дејството и на показ изнесува трагични судбини. Вешто ја следи тенката линија меѓу животот и смртта, меѓу заблудата и стремежот, меѓу среќата и тагата, меѓу занесот и искушението, истакнуваат од издавачката куќа.