Цензурата во американската култура не е нешто ново, а што е најинтересно најмногу забранувана книга на сите времиња во Америка е „Авантурите на Хаклбери Фин“ на Марк Твен. Отстранувањето на филмот „Однесено од виорот“ од платформата ХБО макс е последниот таков пример

Доколку доследно би се спровела цензура под диктатoт на политичката коректност, која доведе до отстранување на филмот „Однесено од виорот“ од платформата ХБО макс, би биле ускратени за „Илијада“, „Одисеја“ и голем број Шекспирови дела, би можеле да заборавиме и на третина од холивудските остварувања, додека вестернот како филмски жанр не би ни постоел.
Одлуката на ХБО макс привремено да го повлече филмскиот класик „Однесено од виорот“ од својата стриминг-платформа, под светло на антирасните протести што се разгореа низ Америка, го отвори прашањето дали политичката коректност е рамка во која треба да ги разбереме книжевните, филмските и другите уметнички дела. На оваа тема пишува српски „Спутник“, консултирајте се со филмски критичари и професори.

Кога станува збор за забраните на уметничките дела во САД, почесто цензори биле локалните заедници отколку националните институции. Книгите се забрануваат ако оние што играат улога на цензор во кој било сегмент, политички, религиозен, сексуален или социјален, пронајдат основа за навреда на американскиот идентитет и на американскиот читател. Листата „Забранетите книги што ја дефинирале Америка“, која пред неколку години ја објави Конгресната библиотека, содржи голем број класици на американската книжевност.
Филмскиот критичар Мирољуб Стојановиќ вели дека е шокиран од отстранувањето на „Однесено од виорот“ од ХБО-платформата.
– Мислам дека ревизијата на севкупното културно наследство мора да се избегне по секоја цена. Не сум единствен што стои на ставот дека политичката коректност во скоро време ќе значи целосен колапс на уметноста, бидејќи тоа е комплетно воздржување во креативноста и уметничките слободи – оценува Стојановиќ.

Без обѕир на оправданата паника создадена поради тековната антирасистичка ситуација во Америка, отстранувањето на уметничките дела не води никаде, а според Стојановиќ, ја вовлекува уметноста во политичко арбитрирање, што е отповеќе. Доколку ваквиот терор на политичка коректност би се спровел докрај, од лицето на земјата би била избришана третина од холивудското наследство, а вестернот како најавтентичен американски жанр не би постоел, или би бил толку многу на нишан на политичката коректност што веќе не би имал смисла.
– Ова што се случува со „Однесено од виорот“ нѐ враќа на една многу болна тема, дека можеме од страв да не нѐ означат за некакви угнетувачи на сите други култури, од своите полици да симнеме милиони книги и филмови затоа што во нив ќе бараме назнаки за нешто што во нив не постоело, ниту постои. Мислам дека е ова ќор-сокак и пример на транспарентна глупост – нагласува Стојановиќ.

Професорката по англистика на Универзитетот во Нови Сад, Владислава Гордиќ Петковиќ, потсетува на историскиот контекст во кој настанале и романот и филмот. Романот „Однесено од виорот“ е објавен во 1936 година, додека филмот е снимен три години подоцна, а тоа било време кога Америка закрепнувала од сломот на берзата од октомври 1929.
– Факт е дека и денес живееме во сломот на еден свет, или макар во светот на поразот на една идеја за светот. Тој пораз можеме да го поврземе со епидемијата на короната како повод да пропадне сѐ што било кршливо и наклонето кон паѓање, но не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека идејата за реактуализација на контроверзноста на еден филм како што е „Однесено од виорот“ оди во логичка конзистентност со слични книжевни и културни митови што биле создадени во американската историја – смета Гордиќ Петковиќ.

Првиот комерцијален мит и идеолошки земјотрес во САД се случува со романот „Колибата на чичо Том“, објавен во половината на 19 век, идниот таков потрес доаѓа со романот и филмот „Однесено од виорот“, а третиот идеолошко-комерцијален земјотрес за американската книжевност дошол на почетокот на 1970-тите години со романот „Страв од летање“ на Ерика Јонг.
– Интересно е дека сите три романи им припаѓаат на комерцијалните и културните феномени што предизвикале голем психолошки потрес во американската културна јавност. Во овој момент, кога се реактуализира приказната со пораките од филмот и книгата „Однесено од виорот“, всушност се обидува да се создаде нова атмосфера на пресврт, било да е таа врзана за преиспитување на демократските слободи или за некакви тектонски промени во визурата и вкусот на публиката, на кои допрва ќе сведочиме. Ова е само еден почеток – додава професорката.

Според зборовите на професорката на Белградскиот универзитет Радојка Вукчевиќ, цензурата во американската култура не е нешто ново, а што е најинтересно, најмногу забранувана книга на сите времиња во Америка е „Авантурите на Хаклбери Фин“ на Марк Твен. На таа листа е и романот „Однесено од виорот“, високо котираат и „Љубена“ на нобеловката Тони Морисон, „Погребете ми го срцето покрај ранетиот коњ“ на Ди Браун, „Повик на дивината“ на Џек Лондон, „Ловец во ‘ржта“ на Селинџер, „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери, „За кого бијат камбаните“ на нобеловецот Ернест Хемингвеј, „Ладнокрвно убиство“ на Труман Капоти, „Моби Дик“ на Мелвил.
По вревата што ја предизвика најавата на цензурата на филмот „Однесено од виорот“, компанијата ХБО најави дека има намера тој холивудски класик да го проследи со некаков вид дискусија или разгледување на историските околности. Тоа, според мислењето на Владислава Гордиќ Петковиќ, е еден вид комерцијална потреба да се надмине потенцијалниот политички проблем така што ќе се инсистира на некаков вид педагошка интервенција над публиката.

– Противник сум на какви било педагошки интервенции над публиката, затоа што и читателите и гледачите секогаш се свесни дека светот што им се прикажува е замислен свет, дека е тоа некаква приказна и заплет што се конструира пред нивните очи. Меѓутоа, од друга страна, кога ќе се најдеме во едно многу тешко, проблематично и опасно опкружување на историски околности, тогаш секако сите видови, дури и поетички, судири добиваат несакани политички димензии – вели професорката.
Таа додава дека, ако би биле ситничави, би морале истиот вид внимателност да го покажуваме и кон некои Шекспирови дела што опишуваат примери на макијавелизам, но се надева дека никому нема да му падне на ум пред прикажување на Шекспировите дела да воведе некаков вид фуснота „што Шекспировиот читател или гледач ќе го третира како комплетно неинформиран дилетант и како некој што не знае ништо за она дело на кое му пристапува“.