Светислав Басара, српски писател

Многу е важно интелектуалците, писателите, уметниците… да дејствуваат политички. Не мора тоа да биде експлицитно политички. Можеби е дури подобро да не биде. Во општество во кое сѐ е политизирано, секое дејствување е политички чин. Да се сними добар филм, да се наслика добра слика, да се напише добра книга… на конструктивен начин го деконструира системот на излитени политички матрици многу поуспешно од моменталните опозициски политики, вели познатиот српски писател

Познатиот српски писател Светислав Басара лани беше добитник на наградата на интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, но, за жал, беше спречен да дојде во Скопје и да ја прими наградата. Сепак, фестивалскиот тим не се откажа од неговото гостување, па деновиве, на огромно задоволство на многубројните почитувачи на неговото дело, големиот Басара пристигнува во Скопје на седмото издание на „Про-за Балкан“, кое ќе се одржи од 19 до 22 мај.
Басара е авторот на романот „Фама за велосипедистите“, кој, според многу ранг-листи на критиката, се смета за еден од најдобрите српски романи на 20 век. Неговото прозно творештво е извонредно богато и разновидно: освен неговите култни романи, тој досега напишал книги со раскази, есеи и колумни, кои критиката одлично ги оценила. Блескавиот авторски почеток на Басара се најави уште со неговите први прозни дела – „Кинеското писмо“ и „Пекинг бај најт“, кои веднаш го издвоија како најубедлив претставник на постмодернизмот. По овие дела, Басара речиси без прекин создаваше романи што беа откритие и за српската и за балканската книжевност.

Досега имате објавено околу четириесет книги: романи, раскази, драми, есеи… од кои секоја со својот стил предизвикува внимание, а некои од нив многумина ги сметаат за големи дела. Како ви успева да постигнете еден таков завиден континуитет, каква дисциплина е потребна за такво нешто?
– Потребна е минимална дисциплина. Почнав да пишувам на речиси дваесет години, сега имам шеесет и шест. Ако на четириесет и шест имав напишано помалку, тоа ќе значеше дека сум тежок мрзливец, вака сум само просечно мрзлив. Меѓу тие четириесетина книги има и многу „тенки“, а има и такви што не требало да ги напишам.

Најширокиот круг од читателската јавност ве познава по раниот роман „Фама за велосипедистите“ (1987 г.), по кој, или подобро кажано благодарение на кој, како што велат, српската книжевност повеќе не е иста. Која книга од многубројните за вас има посебно значење?
– Пишувањето, барем за мене, е возбудливо и донесува задоволство само додека пишувам. Штом е отпечатена, книгата за мене ја губи магијата и како што поминува времето, сѐ повеќе ја губи. Но тоа е мотивација да почнам да пишувам друга, која – како што залудно се надевам – ќе ја исправи слабоста на претходната. Романите (или расказите) јас ги гледам како енергетски пакети, како што кажа еден Французин како „свет виден низ еден темперамент“. Од сите што сум ги објавил, сѐ уште сум (делумно) задоволен со романот „Ангелот на атентатот“.

Една од вашите последни книги е „Атлас на псевдомитологијата“, која ги преиспитува поголемиот број митови вкоренети во српската култура и историското наследство. Ве интересира ли како реагираат на книгата читателите, особено интелектуалците, и воопшто колку ви е важно мислењето на критиката и на публиката?
– О да, многу ме интересира. И многу сум задоволен од реакцијата на читателите, чие мислење ми е важно, односно на оној дел од читателите што го познавам. На другата страна апсолутен молк. Што само значи дека „Атласот“ предизвика големо внимание во одредени кругови, за што сведочат и 4.000-5.000 продадени примероци само за четири месеци – и тоа што за книгата се расправа по белградските национални диван-анови и музафир-анови. Никој, меѓутоа, нема да се огласи, никој (освен дежурните будали) нема да напише негативна критика, седат и чекаат работата да се заборави. Така функционира тоа во Србија.

Редовно пишувате дневни колумни за весникот „Данас“. Ви одзема ли енергија тоа што се занимавате со секојдневни теми и дали можеби некогаш чувствувате дека ваквиот ангажман му штети на вашето пишување?
– Не. Сосема обратно. Пишувањето колумни ми дава дополнителна енергија, и не само енергија туку и сатисфакција, бидејќи имам можност, на оние што го заслужуваат тоа, а има многу такви – да им плеснам в лице што мислам за нив.

Порано бевте политички активен, како потпретседател на Демохристијанската партија на Србија, а потоа и како амбасадор на Србија во Кипар. Се занимавате со политика и во вашата колумна. Од каде таков посветен интерес за овој дел од секојдневието? Не ви е ли доста од политика?
– Одамна ми е доста од политика, никогаш всушност и не сум ја сакал, но на политиката не ѝ е доста од мене, од кого било всушност. Политиката во Србија метастазира и на места на кои не ѝ е место и се плетка во работи од кои, да има памет, би требало да се тргне настрана.

Сметате ли дека е важно интелектуалците, писателите, уметниците… да дејствуваат политички? Еднаш имате кажано „можете да си седите дома, да си потпивнувате вино и да пишувате книги“.
– Многу е важно да дејствуваат. Не мора тоа да биде експлицитно политички. Можеби е дури подобро да не биде. Во општество во кое сѐ е политизирано, секое дејствување е политички чин. Да се сними добар филм, да се наслика добра слика, да се напише добра книга… на конструктивен начин го деконструира системот на излитени политички матрици многу поуспешно од моменталните опозициски политики.

Како од свој агол би го опишале животот во денешна Србија? Или можеби на Балканот?
– Тоа е неописливо, особено не на простор за едно интервју.

Важите за бунтовник со бурен темперамент, особено во младоста, која, како што велат, сте ја проживеале помалку или повеќе во манирот на еден Буковски: авангарда, панк, малку занимавање со музика. Сега ве сместуваат во самиот врв на книжевниот естаблишмент. Која „положба“ ви е или ви била поудобна?
– Нема удобна положба, иако сите тежнееме кон тоа. За уметникот (и уметноста) добро е да ја нема, бидејќи уметноста настанува од неудобноста. Што се однесува до мојата положба во естаблишментот, јас сум таму навистина, но во него сум странец, а и тој мене ми е туѓ.

Во едно интервју имате кажано „да не ги напишев сите тие книги, животот ќе ми беше многу подосаден, и вака често е досаден, и покрај тоа што поприлично пишувам“. Што друго правите за да не ви биде досадно? Како ја обновувате енергијата?
– Исто како и во младоста, така што читам, гледам филмови и се дружам со пријателите. Поради поодминатите години некои работи „отпаднаа“, манирот на Буковски на пример. Но и натаму пречесто ми е досадно. Тука изгледа ништо не може да се промени.

Претпоставувам дека доста читате. Кои писатели, кои книги влијаеја на вас? Што читате деновиве?
– Цело издание на овој весник не би било доволно за тој список. Секогаш симултано читам по неколку книги. Попладне една, навечер друга, пред спиење трета. Во моментов ги читам Биографијата на Курцио Малапарте, „Речникот на вљубениците во Индија“ на Жан Клод Кариер. Фасцинантни книги.

Минатата година бевте лауреат на наградата на нашиот фестивал „Про-за-Балкан“, ама не успеавте да дојдете, но затоа деновиве доаѓате. Имате ли пријатели во Скопје? Ги читате ли македонските писатели?
– Оваа година доаѓам. Ќе видам, се надевам, некои скопски пријатели што со децении не сум ги видел. Што се однесува до македонските писатели, застанав кај Влада Урошевиќ. Во Србија е многу поприсутна бугарската отколку македонската книжевност. Малку се преведува. Премалку.