Во издание на „Бата прес“ е објавен романот „Равенка на стравот“ од младата македонска писателка Верица Мукоска. Делото денеска беше промовирано во официјалната програма на Саемот на книгата во Скопје.
– „Равенка на стравот“ е храбро соочување на индивидуата со потиснатите морални дилеми и стравови во себе; талкање низ мисловниот лавиринт на личноста во обид да се победи самотијата и да се оствари личната слобода и среќа. Како што раката на сликарот вешто ги нанесува боите врз белото платно, така раскажувачот создава магично-синестезичен свет од бои, звуци, мисли, перцепции, во кој сепак, последниот збор ѝ е посветен на љубовта – вели Трајче Стамески, еден од рецензентите на книгата.
Верица Мукоска (1999, Вевчани) дипломирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Претходно во издание на „Бата прес“ ги објавила романот „Дневникот на длабоките тајни“ (2017) и стихозбирката „Стихови од срцето на природата“ (2009). Присутна е со есеи и прилози во книжевната периодика.
– Гледајќи низ призмата на авторската еволуција во овој роман и досегашното творештво на авторката, полека и прогресивно се кристализираат двете приказни чие дејство е стационирано во Сиена и во Љубаништа – бележи во рецензијата писателот Стефан Маркоски.