Издавачката куќа Готен го објави романот „Пчели“ од современиот естонски писател Мелис Фридентал, естонски писател, кој својата репутација ја стекнува како автор на спекулативна фикција. Во овој необично напнат роман, Фридентал ги опишува авантурите на Лаурентиус Хилас, студент што кон крајот на 17 век пристигнува на Факултетот во Тарту, Ливонија, за да го продолжи своето универзитетско образование. Во тоа време Тарту има репутација на град на музите, но Лаурентиус се соочува со огромна беда, очај и луѓе што гладуваат.

Романот нуди одлична слика на интелектуалниот пејзаж на овој дел од Европа од крајот на 17 век, во која новите научни сознанија живеат паралелно со застарените, но силно вкоренети верувања на претходните векови.

За овој роман, во 2013 година Фридентал ја добива наградата на Европската Унија за литература. Преводот на книгата од англиски јазик е на Билјана Николовска-Прља.

Објавувањето на романот „Пчели“ се реализира во рамките на проектот „Балтикот вирално преку литературата на Балканот“, кој опфаќа превод на 10 книги од книжевности што му припаѓаат на балтичкиот регион, еден од најмалку познатите региони од Европската Унија на Балканот.