Објавена „Слаткарницата на кривогледиот Џим“ од чешкиот писател Марек Томан

Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик е објавена книгата за деца „Слаткарницата на кривогледиот Џим“ од чешкиот писател Марек Томан. Делото од чешки го преведе Мирјана Наумовски, а неговото објавување во рамките на проектот „Креативна Европа“ е поддржано од Европската Унија, македонското и чешкото министерство за култура.
Дејството се одвива во Америка, на Дивиот Запад. Во слаткарницата на кривогледиот Џим служат свежо кафе, торти и јајца. Но таму се стекнуваат и книжевни и читателски навики. Откако во градот пристигна библиотекарката Боженка, таа отвори библиотека дури и во затворот и животот го направи поподнослив за најтешките криминалци.

Срцата на негативците се насочија кон групните читања и претставувања на литературни дела од Шекспир, Карл Мај, Достоевски, Александар Дима…
Авторот маестрално ги ткае пародиите и фразите, обрнувајќи внимание на квалитетната и на другата светска литература, бидејќи тие имаат сила кај децата и младите да предизвикаат љубов кон книгата. Марек Томан (1967) е чешки прозаист, поет и преведувач. Студирал филозофија на Карловиот универзитет во Прага.

Бил уметнички директор во радио, а од 1997 година работи во чешкото министерство за надворешни работи. Десет години бил дипломат во Естонија и во Унгарија. Негови дела се преведени на англиски, фински, унгарски, српски и на други јазици. На македонски јазик му е објавен и романот „Пофалба на опортунизмот“.