Издавачката куќа „Аз-буки“ во рамките на својата библиотека „Филозофија“ ја објави книгата „Compendium philosophiae“ од Бошко Караџов, професор по филозофија и научен истражувач. Станува збор за збирка на филозофски есеи, научнопопуларни статии, научни огледи, расправи и други критички текстови од областа на филозофијата на политиката, филозофијата на јазикот, филозофијата на културата и идентитетските теории.
„Compendium philosophiae“ е поделена во три дела. Во првиот, „Онтологија на слободата“, има есеи и огледи од областа на политичката филозофија, кои говорат за вредноста на слободата низ призмата на анархопацифистичката филозофија, либертаријанската идеологија, марксистичката антропологија и минархизмот. Во вториот дел, „Филозофијата и јазикот“, се приопштени критички текстови од областа на филозофијата на јазикот и јазикот на филозофијата. Третиот дел е со наслов „Идентитет, предание и паганска политика“ и во него се вклучени научни расправи и анализи за македонското национално прашање, македонските културни политики и идентитетски стратегии. Бошко Караџов е автор и на студијата „Парадоксите на индуктивната логика“ и на над 50 научнофилозофски текстови објавени во домашни и меѓународни филозофски и научни списанија.