„Македоника литера“ ја објави книгата „Интердискурзивните дијалози на книжевноста“ од Марија Ѓорѓиева Димова, која претставува студија од областа на книжевната теорија и книжевната херменевтика. Содржи дванаесет текста, распоредени во три циклуси: Интердискурзивните дијалози меѓу книжeвноста и историјата; Интердискурзивните дијалози меѓу книжeвноста и теоријата; Интертекстуалните дијалози на книжевноста.

Поаѓајќи од актуелните и доминантните тенденции во книжевноста, кои се во знакот на интердискурзивните, интермедијалните и интертекстуалните трансгресии на нејзините граници, оваа студија ги истражува видовите релации што книжевноста ги воспоставува со другите дискурси, уметности и медиуми. Истражувањето се реализира на две рамништа, на теориско и на интерпретативно. На теориското рамниште се елаборирани теориските модели што ги верификуваат овие развојни насоки во книжевноста (како, на пример, во концепциите на Аристотел, Михаил Бахтин, Брајан Мекхејл, Марк Кари, Линда Хачион, Елизабет Веселинг, Ансгар Нининг и други). На интерпретативно рамниште се толкуваат единаесет книжевни дела што припаѓаат на различни литератури (старогрчката, британската, руската, чешката), на различни стилски формации и поетики (античката, модернистичката, постмодернистичката) и на автори што се исклучителни книжевни авторитети во европската и во светската литература (Лукијан од Самосата, Хенри Џејмс, Џулијан Барнс, Антонија С. Бајат, Маргарет Атвуд, Милан Кундера, Андреј Бели, Виктор Шкловски, Евгениј Водолазкин, Андреј Битов).

Марија Ѓорѓиева Димова е редовна професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, каде што предава теорија на книжевност и книжевна херменевтика.