Издавачката куќа „Македоника литера“ деновиве ја објави новелата „Марика и Стравот“, дебитантска книга на младата писателка Емилија Славковска. Во новелата има необична и нестандардна раскажувачка постапка – се раскажуваат приказни и мисли на различни луѓе, наназад, секоја наредна приказна се случува една година порано. Почнува со тажен крај, а завршува со среќен почеток.
Темите во приказните содржат многу прашања и индивидуални заклучоци за љубовта, смртта, внатрешните конфликти и мисли, кои би можеле да се наречат абнормални или нереални, иако притоа е речиси незабележлива границата меѓу реалноста и иреалноста. Сепак, ова дело овозможува поглед на реалноста од длабоко интерен (индивидуален) аспект.
Рецензентот Ѓоко Здравески вели дека тоа е ракопис што ќе внесе свежина во македонската книжевна продукција. Жанровски може да се дефинира како хибрид што во себе ги содржи трите книжевни рода: епскиот, лирскиот и драмскиот…