Номадот Ацо Шопов, 8

Следните години, по објавувањето на „Гледач во пепелта“, Шопов, како амбасадор во Сенегал 1971-1975, се среќава и се запознава со Африка. Зачестуваат неподелените високи процени на неговото дело, зачестуваат признанијата и препевите.
Геопоетичкиот карактер во творештвото на Шопов, динамичноста и интензивноста на неговиот поетски исказ, ослободувачката енергија што вибрира од паузите, белините меѓу концентрираните, напрегнати стихови, наидува на податлив прием во странските јазици на кои е препеана неговата поезија. Во истражувањето „Поезијата на Ацо Шопов во странство“, Анастасија Ѓурчинова, освен шесте одделни книги препеани на странски јазици и седмата во издание на УНЕСКО во Париз, наведува уште 23 антологиски избори (од 1965 до 1990) на македонската поезија во кои Шопов е континуирано застапен и кои често се насловени токму според неговите песни:

„Гледач во пепелта“ (на англиски), „Црно сонце“ (на француски), „Раѓање на зборот“ (на унгарски). Се прифаќа и се препознава особената конфигурација на неговиот творечки портрет на култивиран неосимболист, но со провокативна номадска понесеност во истражувањето на темните предели на суштествувањето, таму каде што е концентрирана моќта на Елементите и каде што е најдиректно соочувањето со Небиднината. Во таа смисла, може слободно да се каже дека и пред африканското искуство, Африка веќе беше во него. Недофатлива, а сеприсутна, преобразувачка сила – во Африка се нарекува „мана“, понекогаш „оренда“, „валканда“ – веќе одамна струеше низ неговите стихови: во птицата и езерото, во тајниот Оган, во Црното Сонце, во Небиднината. Тешко сводлива, зашто, како и маната, не само што ги овладува и ги менува облиците туку и со силна доживеаност дејствува како својство, како име и како глагол. Номадскиот аниматизам беше впиен во поетиката на Шопов години пред неговиот престој во Африка.

Црната Жена можеби е судбински дарувана алка во големата поетска потрага почната уште од минијатурите во „Слеј се со тишината“. Таа е неделив сегмент од една поетичка целост, која и самата е во знакот на движење и менување, на неспокој и опиеност, на минливост и обожавање. Како при контактот со облиците што поседуваат мана, така и поетот со длабока вживеаност ги согледува, ги спојува и ги распределува значењата, но постојано навестувајќи дека зад нив постои уште една неоткриена, окултна сфера. Како што точно забележува Катица Ќулавкова во есејот „Исконска драма“ во поезијата на Ацо Шопов: „Автоматизмот се прекинува, а читателот е соочен со неопходноста од неавтоматско, контекстуално поимање на зборовите и исказите: кога поетот Шопов во песните ќе извика реторично-емфатички крви!, тој не ѝ се обраќа на крвта како крв, а ги опева огнот, каменот, ветерот, тврдината или лузната и тишината, тоа не се обични елементи и појави, тоа се поетски симболи, елементи на поетската семиоза, чија смисла се појаснува само доколку се посматраат како дел од севкупниот систем на неговата поезија, а овој пак како дел од еден поширок, кодиран систем, во рамките на еден антрополошки, митолошки, филозофски, јазичен и книжевен контекст“.

Иницијативноста на Зборот кај Шопов е иницирана токму од потрагата по него, од едно доследно доживување и толкување на разбранетиот однос песна-свет.

Оставете ме тука добри мои верни пријатели
и да го барав немаше да го пронајдам ова место
што го открив случајно.

Можеби затоа Африка е едно од „ветените места“ за поезијата на Шопов, зашто во неа човекот и зборот се непосредно нурнати во еден спознаен топос, во кој Елементите и Природата играат доминантна улога. Егзотичниот мотив најчесто се појавува во функција на лиризирање на слеаноста на личното и универзалното.

(продолжува)