Номадот Ацо Шопов, 4

Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече. 
Во најскладната, најцитираната минијатура во македонската поезија, засолнувањето во себе е неопходен прелудиј за повистинита потрага. Привидната починка, внесувањето во тишината, е можност номадот да го распознае својот внатрешен простор, за да може да го усогласи со надворешниот. Кога ти е најтешко, кога ти се чини дека гласот е крик, а погледот – молење, загледај се, нурни се во водите сини,  ај, во таа свежина, во тоа шумолење… 
Во поетиката на Шопов, со право забележува Георги Старделов, „суштествува една органска, една неделива и естетска и филозофска кохезија“. Се прифаќа поделбата на творештвото на Шопов на три поетски фази (со „африканската“ потфаза во третата) во неговата поетска еволуција.
 
Но, согледано геопоетички, во поголемиот дел на „Слеј се со тишината“ веќе е присутна определена поетичка свест кај авторот, што подоцна, низ разновидни облици и варијанти, континуирано ќе ги досоздава песните, сѐ до неговата последна книга. Содејството меѓу зборот и природата, динамичната постојаност во меѓусебните пронаоѓања, еден константен еколошки немир на духот (кога на зборот „модар јаглен му гори во утробата“) ја наближува поетската потрага на Шопов – од минијатурите во „Слеј се со тишината“ до исповедно-медитативните приказни во „Дрво на ридот“ – кон геопоетското творечко зреење по патот на една изразито подвижна космополитска мудрост.
 
Не е чудно што во оваа возвишена геопоетичка игра, Шопов има моќни сојузници во елементите, односно во нивните нескротливи облици. И кога е благ, воздухот може ненадејно да се префрли во ветер (и „…ретко останува дома“). А кога е естетизиран, тој е крилест коњ. 
Коњот-птица во „Дрвото на ридот“ долетува од претходната збирка на Шопов, „Песна за црната жена“, каде што во првиот дел од приказната во стихови насловена како „Настан на езерскиот брег“ закрепнува во допирот со лековитата езерска вода. Со долгото тридневно напојување од животворната вода, од што, како во бајка, оживува, тој ја надвладува смртта и како езерски Пегаз е охрабрен за нов лет: 
… а потоа коњот излезе на брегот и повторно се вивна нагоре како првпат да го започнува летот носејќи ја со себе својата највисока смисла откривајќи ја родината да го открие светот. 
 
Впечатливата сентенца за вечниот патувач, кој совладувајќи огромни далечини без, лихачовски кажано, „отпор на средината“, во обновителскиот допир и спој со родното езеро се нахранува со света енергија, во „Како најубави катрени…“ е повторен во синонимска варијанта (наместо родина – татковина) и во карактеристична геопоетска смисла. Од највисоките облаци Пегаз стреловито се спуштал да се напои од бистрите води на изворот Пеирени на Акрокоринт. Според митот, таткото на Пегаз е Посејдон, богот на морето. Со удар од копитото, Пегаз на гората Хеликон го прокопува изворот Хипокрене, посветен на Музите, од каде што поетите добивале вдахновение (едно од познатите платна на симболистот Одион Редон носи наслов „Музата на Пегаз“). 
Во симболична промисла, судбината на снеможениот крилест коњ, што нескротливата еолска природа ја враќа во живот со оплодувачкиот воден елемент, го пренесува фундаменталното витално искуство на поетот, што подразбира трошење за да се обнови, прогон за да се врати, болка за да се егзалтира. Двоетапната песна за крилестиот коњ, со сиот наративен багаж, може да се открие и како суптилен триумф на еросот, каде што исцелителната вода на езерото го симболизира мекиот толерантен женски принцип (во збирката „Песна за црната жена“ претставен преку дождот и преку океанот) што ги возобновува бујната подвижност и гордост на коњот. 
 
(продолжува)