Номадот Ацо Шопов, 12

Недоволно е ако сета сродност меѓу двајцата поети се пронаоѓа само во совпаѓањето на африканските „содржини“. Живописниот колорит на африканското поднебје, и уште повеќе, поезијата на Сенгор, силно ќе го поттикнат оној карактеристичен момент во поетското осмислување на егзотичното кај Шопов: имено, непознатото е кај него познато и блиско, бидејќи светот е еден, а и судбината на човекот е една. Веќе напоменав како Африка влијае врз организацијата на песната: наталожениот ритам, што потсетува на рамномерниот здив на океанот, го шири стихот, преку варирање на една особена гама впечатоци, нагласувајќи ја препознатливата евокативност на Шопов, но сега обликувана низ едновремена приказна и исповед.

Тука ме донесе мојот прародителски инстинкт
и неговиот непогрешлив шепот дека сѐ е исто
иако е сокриено во различни шуми и растенија
без оглед како се викаат: баобаб, даб или бреза.

Црната Жена, „мрачна екстаза од црно вино“, е Сенгоровата глорификација на Африка, што го отвора просторот на песната на Сенегалецот во Париз, а потоа и првиот претседател на независната татковина, кон геопоетското множество на црниот роднокраен континент. Црната Жена кај Шопов, пак, „светлина темна што ме води по патеката опасна и телесна, од детство што ме прогони“, е препознавање на една дамнешно започната потрага, во која поетот откриваше најнеочекувани согласја и во која Убавината, вживиена во најразлични облици, го еманираше трансцеденталното дејствување. Во таа геопоетичка потрага, кога Црната Жена ќе се доживее и во ликот на Везилката, во небиднинската „Шеста молитва на моето тело“.

Везилка си на оваа игра, на овој домородски ритам.
Од дивина со крвта ми викаш, од далечина:
„Кон твоето тело неподвижно итам
јас непозната, глув водопад од месечина.
На твоето чело високо пасат плашливи елени,
ти имаш раце силни и зараснати длабоко вземи
во твоето грло растат треви зелени,
твоите зборови се ковчести и остри, но неми“.

Интересно е Везилката на Шопов да се спореди со онаа на друг голем македонски поет, Блаже Конески, од истоимената песна што ја говориме наизуст: „Везилке, кажи како да се роди/ проста и строга македонска песна/ од ова срце што со себе води/разговор ноќен во тревога бесна…“. И кај Конески, поетот бара вдахновение од Везилката, точна и искусна во занаетот, со „наведена лика“ и генерациско знаење. Шопов, пак, од таинствената, но телесна и разиграна Везилка, како и од Црната Жена, го презема нејзиното волшебно, архетипско понирање во поетовата потсвест, што низ боженската креативна моќ на Еросот го поткрепува оној див и нежен копнеж на поетот – да се достигне крајната поезија, кога апсолутното ќе се доживее непосредно.

Далечниот татнеж на тамтамите ќе се вклопи во „африканската фаза“ на Шопов, во неговиот нагласен усет за кореспонденција меѓу зборовите, кои меѓусебно се предизвикуваат, се поттикнуваат не само низ семантичката туку и низ ритмичката драматика. Интензитетот со кој е постигнат складот на суштинскиот ритам на постоењето во најдобрите поетски творби на Шопов го преобразуваат овој поет на интимата и исповедната лирика во поет на сетилното и отадесетилното спознавање на светот. Во таа смисла, Црната Жена, како и Баобабот, Фламбоајаните, Ивернажот, се складиште во кое навидум формалниот збир на зборови има пред сѐ семантичка, но и акустична основа. Складиште што пред поетовата имагинација ги разоткрива привидно немите нешта – мирисите и боите, но и оние што се слушаат или се наслушнуваат – звуците.

Една жена од радост излудена –
Танцува во ноќта, на дождот, сама и гола.
А дождот врне како лекување на тешки рани,
Како ослободување од темни сили и страсти,
Врне како шепотење, како милување:
Стани! Расти!

(продолжува)